Израелската војска соопшти дека нападот врз болницата „Насер“ во Газа, во кој загинаа најмалку 20 лица, ја таргетирал камерата инсталирана од Хамас во близина на објектот. Според „Си-ен-ен“, израелските сили тврдат дека камерата била користена за набљудување на нивните активности и насочување на нападите против нив.
„Голанската бригада, која дејствувала во областа Кан Јунис за уништување на терористичката инфраструктура, идентификувала камера на Хамас инсталирана во близина на болницата Насер, која се користела за следење на активностите на израелските сили со цел таргетирање на терористичките активности“, се вели во соопштението на израелската армија.
„Во овој контекст, војниците дејствувале за да ја елиминираат заканата со пукање и уништување на камерата, а истрагата покажа дека војниците дејствувале со цел да ја елиминираат заканата“, се додава во соопштението.
Во нападот загинаа новинари и медицински лица.
Станува збор за таканаречениот напад со „двоен допир“ – двоен напад во краток временски период – во кој починаа здравствени работници, пет новинари и вработени во службите за итни случаи кои дојдоа да помогнат по првиот напад. „Си-ен-ен“ потсетува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потоа ја нарече смртта на цивилите „трагична несреќа“.
Израелската војска, исто така, објави дека шест лица што ги опишува како „терористи“ се убиени во нападот врз болницата „Насер“. Еден од нив, тврдат тие, учествувал во нападот на израелска територија на 7 октомври.
„Во исто време, началникот на Генералштабот изразува жалење за каква било штета предизвикана врз цивилите“, се вели во соопштението на израелската армија. Си-Ен-Ен соопшти дека не може независно да ги потврди тврдењата.