Израелската војска денес објави дека наредила истрага за нападот врз болницата „Насер“ во јужниот дел на Појасот Газа, во кој загинаа 19 лица, вклучувајќи четворица новинари.
„Порано денес, израелската војска изврши напад во областа на болницата „Насер“ во Кан Јунис. Началникот на Генералштабот нареди што е можно поскоро да се спроведе прелиминарна истрага“, се вели во соопштението на војската.
Се додава дека војската „жали за каква било штета предизвикана на незаинтересирани лица и дека не ги таргетирала новинарите“.
Новинари од телевизиската мрежа „Ал Џезира“ на Катар, како и од новинските агенции „Ројтерс“ и „Асошиејтед Прес“, беа убиени во нападот врз болницата во Кан Јунис.