Израелската морнарица утрово изврши напад врз електрана јужно од јеменската престолнина Сана, која е под контрола на јеменските бунтовници Хути, изјави израелски воен претставник.
Ова е втор пат израелската морнарица да изврши напад врз Јемен, по нападот во јуни врз пристаништето Ходеида, кое е под контрола на Хутите, објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно, телевизијата „Ал Масира“, која е под контрола на Хутите, објави дека електрана во близина на Сана била погодена преку ноќ, наведувајќи дека станува збор за „агресија“.
Претходно, жителите на Сана објавија дека во тој град се слушнале најмалку две експлозии.
Телевизијата соопшти дека неколку генератори во електраната биле онеспособени, објави „Ројтерс“.
Службите за итни случаи пристигнаа на местото на настанот со пожарникари за да го изгаснат пожарот предизвикан од експлозиите, потврдија неименувани извори од јеменската цивилна одбрана.
Според Ројтерс, израелските воени авиони го бомбардираат Јемен како одговор на нападите на Хутите врз Израел.
Во знак на поддршка на Палестинците во Појасот Газа, јеменската група испали ракети кон Израел, од кои повеќето се уништени од израелската воздушна одбрана.