Иран: Врховниот лидер и претседателот се живи и здрави по нападот
Иранското Министерство за надворешни работи пред неколку часа објави дека врховниот лидер и претседателот на земјата се живи и здрави, откако се појавија информациите за нападот врз комплексот во Техеран.
„Сите се безбедни и неповредени“, изјави портпаролот на министерството.
Израелскиот премиер Нетанјаху го повика иранскиот народ да ја искористи можноста за соборување на режимот, тврдејќи дека Ајатолахот Хамнеи можеби повеќе не е жив.
Кој е Али Хамнеи?
Врховниот лидер на Иран, Ајатолахот Али Хамнеи, една од највлијателните личности на Блискиот Исток, го има последниот збор за сите клучни политики, е врховен командант на вооружените сили и ја контролира Револуционерната гарда.
Хамнеи е роден во 1939 година во Машхад, вториот по големина град во Иран, во семејство на свештеници. Таму тој добил религиозно образование, по што се посветил на политички активизам против Шахот, монархот кој владеел со земјата до Исламската револуција во 1979 година. Тој бил во егзил во текот на 1960-тите и се вратил дури по соборувањето на Шахот. Тој бил близок соработник на водачот на револуцијата, Ајатолахот Рухолах Хомеини, и брзо се искачил во државната хиерархија. Откако други клучни политички фигури биле убиени во атентати, а самиот Хаменеи преживеал напад во кој му била парализирана десната рака, тој станал претседател на Иран на избори без противник.
Подемот до врховен лидер
Тој го наследил Хомеини по неговата смрт во 1989 година, кога станал врховен лидер. Тој бил назначен од Собранието на експерти, тело од 88 члена. Иако членовите на Собранието се избираат на избори, нивните кандидатури мора да бидат одобрени од 12-члениот Совет на чувари, од кои шестмина се назначени од самиот Хаменеи.
Тоа свештеничко тело, исто така, ги проверува кандидатите за претседателски и парламентарни избори. Во теорија, Советот ја надгледува републиката за да обезбеди нејзино усогласување со исламскиот закон. Сепак, во пракса, Врховниот лидер внимателно управува со системот за да ги балансира конкурентските интереси, да ги спроведе своите приоритети и да осигури дека никој не ја доведува во прашање Исламската Република или нејзиното раководство.
Влијание и прашањето на наследниците
Неговото 35-годишно владеење значи дека неговото влијание се протега низ целиот Блиски Исток, со оглед на поддршката на Иран за Хамас и Хезболах. Смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа во мај 2024 година беше голем проблем за врховниот лидер. Раиси, кој се сметаше за главен кандидат за наследник на Хаменеи, беше заменет на претседателската позиција од Масуд Пезешкијан. Смртта на Раиси ја зголеми можноста дека синот на Хаменеи, Моџтаба Хаменеи, би можел да биде наследник. Незадоволство на народот и брутална репресија Исламската Република е основана по револуцијата во 1979 година како алтернатива на монархијата, а нејзините лидери ја претставија како систем супериорен во однос на западните демократии, воените диктатури и монархиите на Блискиот Исток.
Сепак, многу Иранци денес ја гледаат земјата како корумпиран и диктаторски режим. Западните санкции поврзани со нуклеарната програма на земјата, кои ја уништија економијата, исто така придонесуваат за незадоволство. Ова доведе до масовни протести што избувнаа низ целата земја во декември 2025 година и јануари оваа година. Демонстрациите, кои започнаа поради економски тешкотии и политичко лишување од право на глас, брзо се претворија во широко распространети антивладини немири. Иранските безбедносни сили одговорија со брутално задушување на протестите, при што загинаа илјадници луѓе. Проценките на организациите за човекови права се движат од повеќе од 5.000 до 33.000 жртви, додека едно непотврдено тврдење споменува дури 50.000 убиени.