Израел се заканува: Ќе го затвориме клучниот премин за помош ако Хамас не ги врати телата

694

Израел вели дека граничниот премин Рафах со Газа ќе остане затворен утре и дека протокот на хуманитарна помош во Појасот Газа ќе биде намален.

Се вели дека мерките се воведени бидејќи Хамас сè уште не ги предал телата на сите убиени заложници. Досега, телата на четворица заложници се вратени во Израел, додека семејствата на 24 други сè уште чекаат враќање на нивните најблиски.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека „голем товар е симнат од Блискиот Исток“, но дека „работата сè уште не е завршена“.

Тој напиша на платформата Truth Social: „Телата на мртвите сè уште не се вратени, како што беше ветено. Втората фаза започнува веднаш!“

Шефот на ОН за хуманитарни прашања, Том Флечер, го предупреди Израел дека мора да го држи граничниот премин со Газа отворен за да може „многу потребната“ помош да се достави до населението.

Неговата изјава доаѓа по извештаите дека Израел нема да го отвори преминот Рафах меѓу Египет и Газа во среда и ќе го намали протокот на помош, како одговор на тоа што Хамас во понеделник предаде само четири од 28-те тела на убиените заложници.

„Двете страни треба целосно да го спроведат договорот“, изјави Флечер за Би-Би-Си.

„Тоа значи дека Хамас мора да го одржи своето ветување и да ги врати телата, но исто така Израел мора да ги држи премините отворени и да ни дозволи да ја доставиме очајно потребната помош во големи количини. Не смееме да дозволиме овој договор да пропадне.“

Здравствените власти во Газа потврдија за Ројтерс дека телата на неколку Палестинци убиени за време на војната меѓу Израел и Хамас пристигнале во Газа откако биле предадени од Израел.

Тоа беше првото такво предавање од почетокот на прекинот на огнот. Се проценува дека Израел сè уште држи стотици тела на Палестинци убиени од почетокот на војната пред две години.

Медицинскиот комплекс Насер во северна Газа потврди за Си-Ен-Ен дека денеска од Црвенио крст ги примил телата на 45 Палестинци.

ИЗДВОЕНИ