Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, го одобри планот на армијата за освојување на Газа. За ова треба да бидат повикани околу 60.000 резервисти, објави „Тајмс оф Израел“.
Планот е одобрен откако ден претходно Хамас го прифати планот на меѓународните посредници за прекин на огнот во Појасот Газа.
Официјалната реакција на Израел се очекува до крајот на неделава. Според медиумските извештаи, Кабинетот за безбедност треба да се состане денеска.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху деновиве изјави дека целта е да се обезбеди ослободување на преостанатите заложници и да се осигури дека Хамас и другите милитанти никогаш повеќе нема да можат да го загрозат Израел. Планираната офанзива во градот Газа и во централните кампови ја засили меѓународната осуда на Израел и ги поттикна стравувањата за уште едно масовно раселување меѓу Палестинците.
Против освојување на Газа се и голем дел од Израелците, кои во неделата, во Тел Авив, излегоа на најмасовните протести по октомври 2023 година, кога почна војната со Хамас.