Израел ја отфрли резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која се поддржува признавањето на палестинската држава

46
Фото:википедија

Израел вечерва ја отфрли како „срамна“ резолуцијата широко усвоена од Генералното собрание на ОН, која го оживува таканареченото мирно решение за две држави за израелско-палестинскиот конфликт.

Израелските власти го сметаат тоа за охрабрување на палестинското движење Хамас да „продолжи со војната“.

„Израел категорично ја отфрла одлуката на Генералното собрание на ОН и тоа е срамна одлука“, напиша портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Орен Марморштајн, на платформата „Икс“, обвинувајќи го телото дека е „политички циркус одвоен од реалноста“, објави „АФП“.

„Во десетиците клаузули од одобрената декларација, нема упатување на едноставниот факт дека Хамас е единствено одговорен за продолжувањето на војната, преку одбивањето да ги врати заложниците и да се разоружа“, додаде Мармоштајн.

Според неговата проценка, резолуцијата „не промовира мирно решение (туку) напротив го охрабрува Хамас да продолжи со војната“.

Порано денес, Генералното собрание на ОН со големо мнозинство ја усвои „Њујоршката декларација“ чија цел е давање нов импулс на решението за две држави за Израел и Палестинците, но недвосмислено исклучувајќи го Хамас.

Додека Израел речиси две години ја критикува неспособноста на Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност на ОН да ги осудат нападите на палестинското движење на 7 октомври 2023 година, текстот подготвен од Франција и Саудиска Арабија, а усвоен со 142 гласа „за“, 10 „против“ (вклучувајќи ги Израел и САД) и 12 „воздржани“, е јасен.

„Ги осудуваме нападите извршени од Хамас на 7 октомври врз цивили и Хамас мора да ги ослободи сите заложници држени во Газа“, се наведува во текстот.

Декларацијата, која веќе беше потпишана од 17 држави, вклучувајќи неколку арапски земји, во јули за време на првиот дел од конференцијата на ОН за решението за две држави, оди подалеку.

„Во контекст на завршување на војната во Газа, Хамас мора да престане да ја врши својата власт над Појасот Газа и да го предаде своето оружје на Палестинската самоуправа, со поддршка и соработка на меѓународната заедница, во согласност со целта за суверена и независна држава Палестина“, се наведува во текстот.

ИЗДВОЕНИ