Цивилната одбрана во Појасот Газа вечерва објави дека израелската армија извршила најмалку три воздушни напади на палестинска територија во кои загинаа девет лица, јавува „Би-Би-Си“.
„Окупацијата (Израел) ја бомбардира Газа и имаше најмалку три воздушни напади и покрај прекинот на огнот“ што е на сила од 10 октомври помеѓу палестинското движење Хамас и Израел, изјави за „АФП“ Махмуд Басал, портпарол на Цивилната одбрана, службата за спасување што работи под надлежност на „Хамас“.
Очевидци изјавија за агенцијата Франс-прес дека се слушнале експлозии. Нема непосредни извештаи за можни жртви.
Израелските власти, од своја страна, вечерва објавија дека „Хамас“ ги нападнал своите сили во Појасот Газа и дека ќе „платат скапо“.
„Терористичката организација „Хамас“ ќе плати скапо за својот напад врз војниците на ИДФ во Газа и прекршувањето на договорот за враќање на телата на заложниците“, изјави израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на војската вечерва да започне итни напади врз Појасот Газа, откако го обвини Хамас за прекршување на договорот за прекин на огнот.
По состанокот, „премиерот ѝ нареди на војската веднаш да започне тешки напади врз Појасот Газа“, соопшти кабинетот на Нетанјаху во кратко соопштение без дополнителни детали.
Соопштението дојде откако Израел го обвини Хамас за кршење на договорот за прекин на огнот откако палестинското исламистичко движење Хамас ги врати останките на еден заложник, од кои дел веќе беа пронајдени од израелската војска. Ова предизвика незадоволство кај семејствата на заложниците и властите.












