
Војската на Израел започна нов напад врз Газа, што дополнително ги зголеми загриженостите за кревкото примирје со „Хамас“. Израелските одбранбени сили (IDF) објавија дека целта им била „терористичка инфраструктура“ во областа Беит Лахија на север од Појасот Газа, пишува Sky News.
Изралските одбранбени сили тврдат дека локацијата служела како складиште за оружје „со намера да се изврши итен терористички напад врз војниците на ИОС“.
„Војниците на ИДФ во Јужната команда остануваат распоредени во согласност со договорот за прекин на огнот и ќе продолжат да работат за да ја елиминираат секоја непосредна закана“, рече портпаролот. Во меѓувреме, жителите на градот Газа пријавија дека слушнале експлозија и виделе облак од чад.
Нападот се случи откако израелските напади во текот на ноќта убија најмалку 104 лица, вклучувајќи 46 деца, според болнички службеници.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху нареди напади откако израелски функционер објави дека војниците биле нападнати во јужна Газа. Израел соопшти дека еден војник бил убиен од „непријателски оган“ во градот Рафа во вторник попладне.
„Хамас“ негираше каква било вмешаност во пукањето во Рафа и ја повтори својата посветеност на прекинот на огнот. Ескалацијата се случи и откако Хамас во понеделник предаде делови од тела за кои Израел тврди дека му припаѓаат на заложник чии останки биле делумно пронајдени претходно во конфликтот.
По последните напади, израелската војска соопшти дека ќе продолжи да се придржува до договорот за прекин на огнот, но додаде дека ќе одговори решително на „секое кршење“.
Американскиот претседател Доналд Трамп нагласи дека и покрај новото насилство, прекинот на огнот останува на сила, велејќи дека „ништо нема да го загрози“.
Тој додаде дека Хамас вети дека ќе се придржува до него.











