Израелската војска денес објави дека се идентификувани останки на четири заложници на Хамас кои беа вратени во земјата според договорот за прекин на огнот.
Остатоците на еден непалски студент и тројца Израелци се вратени во Израел.
„По процесот на идентификација спроведен од Националниот институт за судска медицина, војската ги информираше семејствата на Гај Илуз, Бипин Џоши и уште двајца починати заложници, чии имиња сè уште не се објавени од нивните семејства, дека нивните најблиски се вратени за погреб“, се вели во соопштението на војската, пренесе „Бета“.
Гај Илуз имал 26 години во времето на смртта, според војската, и им подлегнал на повредите откако не добил соодветна медицинска нега додека бил во заробеништво на Хамас.
Илуз бил киднапиран на музичкиот фестивал Нова, каде што биле земени повеќето заложници на „Хамас“.
Бипин Џоши, 22-годишен студент по земјоделство, бил киднапиран од кибуцот Алумим и, според војската, бил убиен во првите месеци од војната, која започна во октомври 2023 година.
Џоши, тврди војската, бил последниот неизраелски заложник што бил држен во Појасот Газа.
Војската нагласи дека „конечните заклучоци (за причината за смртта) ќе бидат утврдени по завршувањето на истрагата“ од страна на Институтот за судска медицина.
„И покрај тагата, враќањето на Гај и Бипин, како и враќањето на уште двајца починати заложници, им носи утеха на семејствата кои живееле во неизвесност и сомнеж повеќе од две години“, соопшти Форумот на семејствата на заложници, главната израелска организација што се залага за ослободување на заложниците на Хамас.