Израел: Хамас нема имунитет никаде, ако не во Доха сега, ќе ги погодиме друг пат

35

Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Дани Данон, најави дека на денешната седница на Советот за безбедност на ОН посветена на израелскиот напад врз лидерите на Хамас во Доха, главниот град на Катар, ќе го соопшти ставот на својата земја дека палестинските милитанти секаде се легитимни цели.

– Планирам јасно да му ставам до знаење на Советот: Терористите нема да имаат имунитет – ниту во Газа, ниту во Либан, ниту во Катар, напиша Данон на Х.

Израелскиот амбасадор во САД, Јехиел Лајтер, исто така предупреди дека Израел ќе продолжи да го таргетира Хамас „каде и да се наоѓа“.

Во изјава за Фокс њуз синоќа тој нагласи дека „доколку израелската војска промашила некои цели за време на нападот во Доха, ќе ги погоди следниот пат“.

Израел вчера изврши напад врз лидерите на Хамас во Доха, Катар.

Израелските медиуми јавија дека нападот бил извршен со употреба на 15 израелски борбени авиони, кои истрелале 10 проектили врз една цел.

Хамас соопшти дека пет членови загинале, но тврди дека неговото највисоко раководство преживеало.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот е „целосно оправдан“ бидејќи бил насочен кон високи лидери на Хамас кои го организирале терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.

Хамас соопшти дека нападот претставува „гнасен злостор, очигледна агресија и флагрантно прекршување на сите меѓународни норми и закони“.

Катар изјави дека нападот е „очигледно прекршување“ на меѓународното право и дека претставува „сериозна закана“ за луѓето во Катар.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека „не е воодушевен од начинот на кој сè се одвиваше“. Тој рече дека за нападот дознал од американската војска додека ударите биле во тек.

Тој, исто така, нагласи дека елиминацијата на Хамас е „вредна цел“.

Лидерите на Велика Британија, Франција, Турција, Германија, Шпанија, како и претставници на ЕУ и ОН, го осудија нападот.

Постојаната мисија на Јужна Кореја, која претседава со Советот за безбедност на ОН во септември, соопшти дека ова тело ќе се состане денес во врска со израелскиот напад врз Катар.

ИЗДВОЕНИ