
Израел ќе дозволи постепен и контролиран влез на стока во Појасот Газа преку локални трговци, објави военатa агенција која управува со хуманитарната помош. Владата одобрила механизам со кој ќе се зголеми количината на хуманитарна помош така што ќе се дозволи да влегува во Газа преку приватниот сектор. Ова се однесува на основни прехранбени производи, детска храна, овошје, зеленчук и хигиенски средства. Целта е да се намали зависноста од Обединетите нации.
Според Ројтерс сè уште не е јасно како би функционирале овие операции, со оглед на уништеноста на Газа. Палестински претставници и претставници на ОН предупредуваат дека на палестинската енклава ѝ се потребни 600 камиони хуманитарна помош дневно за да ги задоволи основните потреби на населението.
Хамас објави дека е подготвен да се координира со Црвениот крст за доставување помош на заложниците во Газа, доколку Израел ги отвори коридорите и ги запре воздушните напади за време на дистрибуцијата на помошта.
Обединетите нации проценуваат дека Израел убил повеќе од илјада луѓе додека барале храна, повеќето од нив во близина на дистрибутивните центри.