
Израелското Министерство за надворешни работи објави дека денес ќе испрати официјално писмо до генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, барајќи ОН да го повлече она што израелската страна го нарекува „фабрикуван извештај“ за гладот во Појасот Газа, кој неодамна беше објавен во рамките на системот „Интегрирана класификација на фазите на безбедност на храната“ (IPC).
Службеникот на израелското министерство, Еден Бар Тал, изјави дека доколку ОН не ги ревидира наодите, Израел планира да започне кампања меѓу земјите-донатори на IPC, повикувајќи ги да престанат да ја финансираат платформата, а воедно да обезбеди докази што наводно го оспоруваат извештајот и укажуваат на несигурноста на системот, објави „Тајмс оф Израел“.
Бар Тал го обвини IPC дека „свесно ги игнорира сопствените методолошки стандарди“ за да дојде до „претходен заклучок за гладот“ со цел да ја поддржи „лажната пропаганда на Хамас за гладување на населението“.
Според израелското министерство, ИПЦ манипулирала со податоците со селективно избирање и погрешно претставување на резултатите, се потпирала на шпекулативни претпоставки за смртноста без цврсти докази и ги игнорирала знаците за подобрување на хуманитарната ситуација.
Во писмо до ОН, израелското министерство побарало „итна и транспарентна ревизија“ на извештајот, за да се исправат методолошките грешки и да се спречи „заблудување на меѓународната заедница, јавноста и носителите на одлуки“.
Извештајот на ИПЦ, објавен минатиот петок, проценува дека околу 514.000 луѓе во Газа, речиси една четвртина од вкупното население, веќе ги исполнуваат критериумите за состојба на глад, додека се очекува тој број да се зголеми на 641.000 до крајот на септември.