ИЗМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК СТИГНАА ВО СОБРАНИЕТО – Се зголемуваат казните: наместо пет, за злоупотреба на службената должност до десет години затвор

Според предложеното, изречените затворски казни за овој вид кривични дела ќе се движат од шест месеци, па до десет години затвор, наспроти досегашната максимална казна до пет години затвор

1581

Заострување на казните и нивни распон од шест месеци, па до десет години затвор предвидуваат измените во Кривичниот законик доставени од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за усвојување во македонското Собрание. Измените се предлагаат само на неколку дена пред истекот на рокот што го постави Уставниот суд, кој се закани дека ќе ги укине или ќе ги поништи постојните одредби во КЗ што се однесуваат на ова кривично дело. Уставниот суд во февруари годинава одлучи дека измените што беа донесени во септември 2023 година, во текот на премиерот Димитар Ковачевски, се „закана за уставниот поредок и за владеењето на правото, бидејќи создадоа простор за дискриминација и нееднавков третман на граѓаните“. Познато е, врз основа на ова значително ублажување на казните и квалификациите за кривичното дело службена должност, беа намалени казните и беа ослободени од кривично гонење значителен број поранешни државни функционери, против кои беа водени судски и други постапки. Ова предизвика револт во јавноста и постапка пред Уставниот суд, кој интервенираше и даде рок за да се донесат нови одредби.

Врзано со клучниот член 353, сега се предложени измени со кои се заострува казнената политика во однос на високопрофилни случаи на злоупотреба на службената положба од страна на носители на функции на различни нивоа на власт. Така, според предложеното, изречените затворски казни за овој вид кривични дела ќе се движат од шест месеци, па до десет години затвор, наспроти досегашната максимална казна од пет години затвор. Предложената одредба за член 353 предвидува службеното лице што ќе ја искористи својата службена положба и ќе ги пречекори границите на своето службено овластување или нема да ја изврши и ќе прибави имотна корист за себе или за друг или ќе предизвика штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години. Доколку, пак, прибави поголема имотна корист или нанесе поголема штета, според предлогот, ќе биде казнето од една до пет години затвор. Доколку, пак, оствари значителна имотна корист, казната ќе биде затвор од една до осум години. Најголема казна затвор од четири до десет години е предвидена за она службено лице што прибавило имотна корист или направило штета од големи размери откако, спротивно на закон, спроведувало постапка за јавни набавки или склучило рамковна спогодба.

За кривичното дело за несовесно работење во службата, предвидено со членот 353-в, сега се предлага враќањето на квалификацијата „и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или“, а што беше избришано пред две години. За ова кривично дело сега се предвидува парична казна или затвор до три години, а доколку е остварена значителна имотна корист или значителна штета, затворската казна ќе биде од шест месеци, па до пет години.

Адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека е добро што сега се предлага заострување на санкциите кои беа ублажени и кои се сè почести кривични дела.

– Беше потребно да се зголемат казните за злоупотребите на службената должност. Ако сè почесто се случуваат вакви кривични дела, тогаш очекувано е законодавецот да ја заострува казната и тој сега реагира. Кај нас се случија неприродни состојби поради тогашната политичка состојба. Тоа намалување беше нелогично и против правната логика – вели Давидовиќ во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Во предлозите се предвидува и проширување на кривичните дела за кои се предвидува конфискација на имотот, за што досега имаше рестриктивна одредба. Сега е предложено проширената конфискација да се применува за кривично дело извршено во состав на злосторничко здружение, како независно дело.

Моника Зајкова, лидер на опозициска партија ЛДП, објави на социјалните мрежи дека веќе требало да биде предложен комплетно нов кривичен законик, а не само делумни измени.

– Кому му одговараше статус кво состојбата додека кривичните дела си застаруваа едно по едно? И што добиваме?! Слични одредби, исти проблеми. Застарувањето повторно ќе биде алиби за неказнивост, широките описи на квалификацијата на делата, можности за политички прогон, особено кога Обвинителството и судството функционираат по принципот „разреши и замени со свои луѓе“ – потенцира Зајкова. (Б. Ѓ.)

И до осум години зад решетки за злоупотреба на туѓа снимка

Предложените измени предвидуваат и воведување ново кривично дело злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудиозаписи или списи со сексуално-експлицитна содржина. Тоа подразбира сторител на трето лице да му направи достапна видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално-експлицитна содржина без согласност на лицето на кое се однесува тој спис, односно без согласност на лицето што е прикажано на снимката или на фотографијата или чиј глас е снимен на аудиозаписот. За такво дело е предвидена затворска казна од една до пет години, а во случај снимката да станала достапна на повеќе лица, казната е од една, па до осум години затвор. Во случај кога е споделена таква снимка на дете, казната затвор ќе трае и до десет години.

 

ИЗДВОЕНИ