Граѓаните се постојано цел на измамници кои на разни начини, со помалку или со повеќе софистицирани методи им крадат пари од платежните картички. Во трката со криминалците, банките обично се чекор поназад, а мерките што ги преземаат се блокирање на картичките кога ќе забележат обид за кражба од нечија сметка, или им препорачуваат на сопствениците на картички да внимаваат и им кажуваат како да постапуваат кога ќе откријат нов начин на кражба што го користат криминалците.
Кој и да подига пари од банкомат, треба да биде особено внимателен бидејќи циркулира измамнички метод, предупреди „Шпаркасе“ во Германија. Банката посочува на нова измама, таканаречената „кеш трепинг“ и им препорачува на граѓаните да не заминуваат ако банкоматот не им даде пари и проблемот задолжително да пријават во банката. Кај овој вид кражба, измамниците го блокираат отворот за исплата на пари на банкоматот користејќи скриена пречка, така што парите остануваат „заробени“ внатре. Клиентите често мислат дека банкоматот е неисправен и си одат, што им овозможува на измамниците незабележано да ги украдат банкнотите оставени во машината, пишува списанието „Феникс“.
– Ако се случи вашите пари да бидат „заробени“, не заминувајте си, туку внимателно проверете го отворот за исплата на пари и веднаш известете ги вработените во банката за какви било неправилности, предупредува „Шпаркасе“.
Во надворешни простори на „Шпаркасе“ се препорачува веднаш да се контактира канцеларијата. Доколку филијалата не е достапна, засегнатите треба да се јават во полиција.
И полицијата, исто така, предупредува за оваа измама. Имено, во сојузната покраина Мекленбург – Западна Померанија, издаде предупредување за „кеш трепинг“. Еден внимателен клиент открил манипулиран банкомат на островот Риген. Во борба против овој вид измама, банките ги зајакнуваат своите безбедносни мерки. Механичката заштита и видеонадзорот се применуваат сè повеќе, но и покрај сите мерки, опасноста од заробување на готовина сè уште постои.
Но, методите за кражби стануваат се пософистицирани. Неодамна „Европол“ упаси неколку членови на една романска банда која украла близу 600 илјади евра од банкомати во Романија и Велика Британија. Тие го користеле методот „поништување на трансакцијата“, при што го тргале екранот на банкоматот, ја уфрлувале картичката, иницирале исплата и во моментот пред банкоматот да ги исфрли парите, ја поништувале трансакцијата. Системот би го евидентирал откажувањето, но парите веќе би биле исфрлени. Тие ги земале без да остават трага на сметката.