среда, февруари 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Измамници оперираат во Тиквешијата: Три жени на мета, им барале и по...

Измамници оперираат во Тиквешијата: Три жени на мета, им барале и по 20.000 евра

46

Tри жени од Тиквешијата, биле мета на измама, во рок од само неколку дена, потврдуваат за МИА од Секторот за внатрешни работи – Велес. Од полицијата апелираат на внимателност. Во два од случаите на повозрасни неготинки им биле барани по 20 илјади евра за наводна операција по скршеница, на внука, ќерка. Во третиот случај, кавадарчанка била измамена за сума од околу 3 илјади евра, при договарање за отпочнување заеднички бизнис, што не се реализирало.

– На 10 февруари во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 72-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, ѝ се претставило како директор на болницата во Велес и ѝ кажало дека нејзината внука се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра, а во позадина се слушал женски глас како плаче, за кој ѝ кажало дека е нејзината снаа. Откако пријавителката заедно со нејзиниот сопруг пристигнале во болницата во Велес и не го пронашле лицето што ѝ се јавило, се упатиле на хируршкото одделение и прашале за нивната внука, а од страна на персоналот им било кажано дека нема таков пациент, по што сфатиле дека се работи за измама, појаснија од СВР – Велес.

Истовремено, во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 77-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, ѝ се претставило како лекар од Велес и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра. Пријавителката се качила во такси, а по разговор со возачот се јавиле кај нејзиниот зет и сфатиле дека се работи за измама.

На 13 февруари во 11:50 часот во ОВР – Кавадарци, 28-годишна кавадарчанка пријавила дека била измамена од едно женско лице од Кавадарци за сума од 180.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ предложило да започнат сопствен бизнис, за што парите ги дала лично на рака, но, договореното не било реализирано, додадоа од СВР – Велес.

Оттаму истакнаа дека се преземаат мерки за расчистување на настаните.

ИЗДВОЕНИ