Неколку семејства од Македонија и од Србија биле цел на измамници што нудат сместување во Неа Плагија, Грција, хотел што е затворен веќе две години. Оштетените ја платиле целата сума однапред и веднаш потоа исчезнал контактот со „агенциите“.
На социјалните мрежи се појави предупредување од луѓе од Македонија, кои, како и семејство од Србија, наседнале на лажни понуди за хотел во Неа Плагија.
Како што пишува „Блиц“, измамниците се претставиле како туристички агенции и продавале аранжмани за хотел кој, според жртвите, е затворен две години. Измамата е објавена во групата „Сместување и апартмани во Грција“.
Семејствата ја платиле целата сума и кога се обиделе да контактираат со агентите, телефоните биле исклучени, а страниците на социјалните мрежи биле избришани.
Со години, поединци ги мамат туристите рекламирајќи непостојно сместување во Грција. Притоа користат фотографии од вистински хотели или апартмани, но даваат неточни информации за достапноста и за цената. Најчесто тие бараат плаќање на целата сума однапред, користат лажни веб-страници или сметки на социјалните мрежи, кои изгледаат како вистински агенции, а потоа исчезнуваат без трага. Според „Блиц“, жртвите се претежно туристи од Србија, Македонија и од Република Српска, кои, сакајќи да заштедат пари на аранжманот, веруваат во поволни понуди.
Туристичките експерти посочуваат на неколку чекори што треба да се преземат за да се избегне измама: секогаш проверувајте дали е регистрирана агенцијата во APR и дали има лиценца од Министерството за туризам, побарајте писмен договор, не плаќајте го целиот износ однапред на приватни сметки и проверете ги коментарите на другите корисници на социјалните мрежи.
Исто така, се советува измамените веднаш да го пријават случајот во полиција и кај надлежните туристички инспекции.