Глобална мрежа измамници искористувала деца болни од рак за да украдe милиони долари од донаторите во светот преку кампањи што лажно биле претставувани како добротворни.
Истрага на Би-би-си откри дека очајните родители биле убедувани да снимаат морничави видеа со своите болни деца, честопати со сурови манипулации, како што е користење кромид за да ги расплачат, само за да добијат симболичен дел или ништо од собраните пари. Во центарот на измамата, која се протега од Филипините до Колумбија и Украина, е мрежа од лажни добротворни организации поврзани со еден ист човек, пишува британскиот јавен сервис. Како клучен играч во измамата е идентификуван Израелецот од Канада, Ерез Хадари.
Една од жртвите во оваа сурова шема бил седумгодишниот Халил од Филипините. Неговата мајка, Алџин, раскажала дека се согласила да го сними видеото со надеж дека ќе собере пари за негово лекување. Филмската екипа му ја избричила главата, му ставила лажна инфузија и го натерала да го научи сценариото на англиски јазик. За да предизвикаат солзи, му ставиле сечкан кромид до лицето и ментол под очите. Иако биле собрани 27.000 долари за него, на семејството му било кажано дека била неуспешна кампањата, па му дале само 700 долари, како хонорар за снимањето. Една година подоцна, Халил починал.
Би-би-си идентификуваше 15 семејства што го претрпеле слично, а девет од нив, чии кампањи за собирање пари биле поврзани со истата мрежа, тврдат дека никогаш не добиле ниту еден цент од вкупно четирите милиони долари наводно собрани во име на нивните болни деца. Свиркач им открил на новинарите шокантни детали од процесот на селекција: тие барале „убави деца, кои „морале да имаат помеѓу три и девет години… без коса“. Истрагата почна во октомври 2023 година откако вознемирувачка реклама на „Јутјуб“ во која девојче од Гана, Александра, вика низ солзи „не сакам да умрам“, го привлече вниманието на новинарите. Во таа кампања наводно биле собрани речиси 700.000 долари.
Набрзо биле откриени десетици слични, професионално продуцирани видеа со болни деца од целиот свет, најчесто од организацијата „Chance Letikva“ (Шанса за надеж), регистрирана во Израел и во САД. Користејќи геолокација, социјални медиуми и софтвер за препознавање лица, новинарите успеале да пронајдат семејства од Колумбија до Филипините, но и во Украина.
Истражителите открија дека се појавува името на Ерез Хадари во документите за регистрација на повеќе организации, вклучувајќи ги „Ѕидови на надежта“, „Света Тереза“ и „Мали ангели“. На прашањата на Би-би-си, Ерез Хадари во кратка порака изјавил дека организацијата „никогаш не била активна“, без да прецизира на која организација од повеќето мисли.












