Во Домот на културата АСНОМ во Гостивар е отворена самостојната изложба „Магливи записи“ на уметницата Ерзана Ислами. Таа се претставува пред јавноста со дела од својот најнов циклус.

– Ерзана е препознатлива како ретка личност, која го спојува сонувањето со посветената изведба, упорноста и со точноста, притоа благо и природно интегрирајќи го академизмот во современото време. Во најновиот циклус, насловен „Магливи записи“, таа ја отвора вратата кон светот на тивка драматичност, каде што се преплетуваат светлината и темнината во суптилни премини. На нејзините платна, пејзажите се обвиени во магла, хоризонтот станува мисловна линија, а водата и небото се слеваат во еден непрецизен, но волшебен простор на неизвесност и спокој – вели академик, проф. д-р Фехим Хусковиќ во освртот кон изложбата.

Тој, исто така, додава дека творештвото на Ислами ја истражува границата меѓу видливото и невидливото, она што е присутно, а, сепак, недостижно.

Планинските врвови, осамените дрвја, длабоките шуми и морските бранови, вели Хусковиќ, се појавуваат како метафори на човечката внатрешност, потсетник дека природата и душата се испреплетени и дека секој пејзаж носи свој внатрешен ритам.

– Боите се претежно студени и задушени, со нијанси на сиво, синкаво и на црно, кои понекогаш се пробиваат со топли отсјаи на златно, портокалово или на црвено. Жолто-портокаловите и светлоцрвените тонови создаваат визуелен ритам и ја нагласуваат играта помеѓу светлината и сенката. Контрастот меѓу надежта и меланхолијата, меѓу пробивањето на светлината и проголтувачките сенки, ја прави композицијата живописна, длабока и емоционално впечатлива – истакнува, меѓу другото, Хусковиќ.

Ерзана Ислами (1998) има завршено студии по уметности на државниот универзитет во Скопје – „Свети „Кирил и Методиј“, на отсекот за сликарство. Педагог е по предметот Фигуративни уметности во две средни училишта – средното професионално училиште „Нико Нестор“ и „Д-р Ибрахим Темо“ во Струга.

Има учествувано на повеќе групни изложби во државата и надвор од неа.

 

ИЗДВОЕНИ