Преку различни медиумски форми: текстуални интервенции, видеосодржини, алгоритамски и дигитални процеси, изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и за трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст
Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ од завчеравечер може да се проследи изложбата „Интер(но)фејс“ на реномираниот македонски уметник Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска. Овој уметнички, мултимедијален проект, кој предизвика посебен интерес кај јавноста, ќе биде достапен до 24 декември.
„Интер(но)фејс“ се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на постинтернет естетиката како нова културна реалност.

Токму и кураторката Франговска, во насока на претставување на изложбата на Шемов, „водеше разговор“ со вештачката интелигенција. Посочувајќи дека живееме во време кога вештачката интелигенција забрзано се развива, а паралелно со тоа се продлабочуваат глобалните кризи: политички, етички, воени… таа го постави прашањето: „Каде, во таа напнатост, го лоцира проектот на Борис Шемов?“, на што доби одговор: „Овој проект се наоѓа точно во пукнатината меѓу технолошката еуфорија и општествениот колапс. Шемов не ја третира вештачката интелигенција како иновација, туку како огледало: на човековите системи на моќ, на историските заблуди, на идеолошките механизми што се репродуцираат и во дигиталната ера. ВИ тука не е спектакл, туку дијагностички апарат“.
На прашањето, пак, на Франговска дали „Интер(но)фејс“ нуди надеж, вештачката интелигенција одговара: „Не нуди утопија. Нуди сознание. Проектот не ветува спас преку технологијата, туку отвора критичка зона на судир меѓу дигиталната логика и реалната крв, меѓу рационалното пресметување и ирационалното насилство. Во таа зона се обликува иднината, но без анализа на моќта, капиталот и на идеологијата, технологијата ќе остане само продолжена рака на истата стара логика на доминација, и покрај сите нејзини „интелигентни“ потенцијали.
Инаку, преку различни медиумски форми: текстуални интервенции, видеосодржини, алгоритамски и дигитални процеси, изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и за трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.

Насловот „Интер(но)фејс“, посочува Франговска, упатува на двојната природа на интерфејсот: како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум туку и како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.

Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и за дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Борис Шемов е мултимедијален уметник што работи со рачно изработена хартија, инсталација, цртеж, видео, сликарство и објект. Дипломирал (1996) и магистрирал (2003) на ФЛУ – Скопје. Има реализирано бројни самостојни изложби во Скопје, Берлин, Њујорк, Токио, Цетиње и во Охрид. Има учествувано на голем број групни изложби во Европа и во Јапонија, меѓу кои Биеналето на млади, Интернационалното графичко триенале Краков, Casoria Contemporary Art Museum – Неапол, МСУ Скопје и НГМ Скопје. Неговото творештво често се движи кон експеримент и материјална истражувачка практика. (Д. Т.)












