Во Музејот на современа уметност во Скопје, љубителите на уметноста можат да ја проследат изложбата насловена „Бекет е со нас“ на која со свои дела се претставуваат уметниците Вана Урошевиќ, Зоран Тодовиќ, Марија Ќалиќ и Никола Шуица.
– Оставината на Семјуел Бекет (1906 – 1989) претставува длабоко нурнување во суштината на човековото постоење. Неговите зборови и описи го издигнуваат секојдневјето од баналноста, откривајќи му ги длабочините на времето и просторот. Неговите записи, романи и драми одекнуваат низ искуствата што ги формираа современата визуелна уметност. Во тие слоевити дела се преплетуваат алузии и митови, пренесувајќи ја згуснатата атмосфера на немир, восхит, осаменост и моќта на сеќавањето. Бекетовото присуство на културната мапа на Балканот започнува рано — со илегалната белградска изведба на драмата „Чекајќи го Годо“ во 1955 г., како одговор на геополитичките промени. Изложбата „Бекет е со нас“ нуди дела што провоцираат и вознемируваат. Уметниците ги преобликуваат предметите и амбиентите во сложени визуелни структури, создавајќи текстури што ги одразуваат внатрешните тензии на денешното време. Овие визуелни наративи не само што ја продолжуваат Бекетовата мисла туку ја претвораат во телесно и сензорно искуство за гледачот“, велат од МСУ.
Инаку, Марија Ќалиќ е член е на УЛУПУДС (секција за фотографија) во Белград, Србија. Објавувала авторски фотографии во дневен и неделен печат, како и во месечни магазини во Белград и во Србија. Работела фотографски прилози за книги, изложбени каталози, за филмска продукција и други медиуми. Реализирала и бројни самостојни изложби.
Вана Урошевиќ е добитник на наградата „Димитар Кондовски“ на Зимскиот салон во Скопје и Прва награда за делото Алхемиска кутија на 9. Меѓународно биенале на уметноста на минијатура во Горњи Милановац. Во 2003 ја претставува Македонија на Венецијанското биенале на уметноста. Изложувала самостојно и групно во државата и Европа. Работи во Националната галерија на Македонија. Од 2010, покрај самостојните настапи, реализира и заеднички проекти со Зоран Тодовиќ.
Зоран Тодовиќ е член на Здружението на ликовни уметници на Србија од 1984. Професор е на Академијата за уметности при Универзитетот во Нови Сад. Од 2010 година, покрај самостојните настапи, реализира и заеднички проекти со Вана Урошевиќ.
Никола Шуица е професор на Факултетот за ликовни уметности и на постдипломските и докторски студии на Универзитетот за уметности во Белград.