Со изложба на учесниците, во фоајето на центарот за култура АСНОМ, вчеравечер беше означен крајот на меѓународната ликовна колонија „Гостивар 2025“. Со свои дела учествуваа триесетината уметници, а организаторот, Здружението на ликовни уметници на С Македонија „Драудакум“, ја збогати годинашната јубилејна колонија со повеќе активности во кои беа вклучени млади уметници и деца од Центарот за деца со посебни потреби „Заедно можеме“. Годинава, на колонијата имаше и 12-мина уметници од Косово, Грузија, Хрватска, Австрија, САД, Србија, Албанија и од Турција.
– Две децении, оваа колонија не е само важно место за средби на уметниците од многу земји туку и слободен простор за творештво, соработка и за интеркултурна инспирација. Таа стана симбол на континуитет, страст кон уметноста и културниот идентитет на нашиот град – рече претседателот на ЗЛУСМ „Драудакум“, Арјан Руфати.
Годинава, уметниците шест дена (од 19 јуни) твореа според своите амбиции и сликарски техники, на слободна тема. Насликаните дела, традиционално, остануваат во фондот на организаторот. Колонијата „Гостивар 2025“ е поддржана од Министерството за култура и туризам и од Општина Гостивар.