Изложбата „Урбани трансформации“ на уметникот и професор Благоче Наумоски – Бане, ќе биде отворена на 22 мај (19 ч.) во Културно-информативниот центар во Скопје. Како што посочува проф. д-р Гордана Вренцоска, најновиот творечки циклус на ликовниот уметник Благојче Наумоски-Бане, е продолжување на неговото трагање по визуелните сензации во урбаните простори, кои го опседнуваат авторот со своите динамични композиции, геометризмот и игрите помеѓу материјалноста и апстрактното.
Авторот, пак, вели: „Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде што се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот. Тој со своите моќни, монолитни и често минималистички форми, нуди богат визуелен јазик за интерпретација, преку кој со своите необработени конкретни форми, неукрасена функционалност и импозантно присуство, долго време ја плени мојата имагинација.“
За разлика од претходниот проект „Пукнатини/трансформации“ каде беа применети дигиталните техники, во овој циклус, вели проф. д-р а Вренцоска, авторот целосно се потпира на сликањето со акрилни бои на платно, со што ја нагласува човечката компонента и емоцијата што сака да преовладее во отсликувањето на овие навидум сурови архитектонски структури.
Благојче Наумоски, (1985) е вонреден професор и декан на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет-Скопје. Има изложувано во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада) итн. Исто така има учествувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано дваесет и две самостојни и повеќе групни изложби.