Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“, вечерва (22 август) од 19:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Уметничкиот сон“ од уметникот Методи Исков, која е дел од програмата од областа на визуелните уметности за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.

– Изложбата „Уметничкиот сон“ му е посветена на истражувањето на сонот како симбол, инспирација и креативен импулс во уметноста. Секое уметничко дело, пред да се појави во материјална форма, започнува како визија, како интимен миг на замисла или сон што го носи авторот. Токму тој процес – од замисла до реализација – е централната тема на оваа поставка. Во рамките на изложбата се претставени дела од различни жанрови и техники: сликарство, графика, цртеж, скулптура, како и современи визуелни практики. Оваа разновидност не само што ја прикажува богатата палета на индивидуални пристапи и изрази туку и создава еден поширок контекст во кој посетителот може да се соочи со повеќе перспективи на сонувањето и на креативното толкување на реалноста – се вели во најавата за изложбата.

Инаку, овој проект ја нагласува и важноста на културните институции и на стопанскиот сектор во заедничката мисија за поддршка и афирмација на уметноста. Со „Уметничкиот сон“, публиката е поканета да влезе во светот на имагинацијата, да ги истражи сопствените соништа преку делата на авторите и да открие нови можности за разбирање на уметноста како универзален јазик што нè поврзува сите.

Методи Исков (1990, Штип) во 2009 година завршил гимназија во Прилеп, јазично-уметничко подрачје. Во 2014, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за вајарство, во класата на проф. Станко Павлески. Покрај индивидуалните, дел од неговите ангажмани се и изработка на скулптури вклучени во урбанистички план на Скопје, учество при изработка на палета мозаици, меѓу кои мозаиците во црквата „Свети Константин и Елена“во Скопје, мозаик вo базиликата „Свето благовештение“ во Незарет, Израел, со ликот на Пресвета Богородица, мозаиците во црквата „Света Петка“ во Прилеп, како и муралот во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, уметничко уредување на Етнокрушево…

Учествувал на повеќе групни изложби и реализирал две самостојни изложби: „Празна галерија“ во 2018 и „Празна галерија – ново поглавје“ во 2022 година.

Моментално живее и работи во Прилеп, како наставник по ликовна уметност.

ИЗДВОЕНИ