Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечерва (11 јули) во 20 часот, ќе биде отворена третата самостојна изложба на прилепскиот уметник и архитект Илија Кочоски, насловена „Порти кон бескрајот“… Од некогашната фонтана „Кај волната“ (каде што е денес фонтаната на Итар Пејо), па сè до препознатливата фонтана „Раце“ кај хотел „Скопје“, многу од обележјата на Прилеп носат негов потпис. Со оваа изложба, неговиот богат, симболички и духовен сликарски свет, за првпат се претставува пред јавноста.

–„Порти кон бескрајот“ е ретка можност прилепската јавност да се сретне со досега необјавени дела од уметник чие визуелно наследство одамна е втиснато во генотипот на градот. Фонтани, споменици, обележја – секој од нас минал покрај некое негово дело, а малкумина знаат кој стои зад нив. Изложбата го отвора сликарскиот свет на Кочоски, уметник, архитект и автор на бројни јавни уметнички интервенции во Прилеп и пошироко, кој со децении дејствува тивко, но длабоко, велат од ЦК „Марко Цепенков“.

Изложбата е поделена во два циклуса. Првиот, инспириран од мотивот на „Тајната вечера“, е геометриска и колористичка медитација – наспроти вториот, кој отворено се прашува за еволуцијата на свеста, за присуството на човекот во космосот, и за границите на духовното и материјалното. Тие „порти“ не водат во простор – туку во состојба.

– Во време кога визуелното брзо се консумира и уште побрзо се заборава, овие дела бараат да се остане со нив. Да се гледа подолго. Да се почувствува нешто што не се кажува лесно, се додава во најавата на настанот.

Изложбата е поддржанa од Министерството за култура и туризам.

ИЗДВОЕНИ