Во Шибеник, Хрватска, во рамките на Деновите на македонската култура, во тек е изложбата на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски. Организатор на настанот е Хрватско-македонска тангента, под покровителство на Советот за национални малцинства на хрватската Влада.
На отворањето присуствуваа многубројни граѓани и личност од хрватскиот (шибенскиот) естаблишмент. Особено е поздравена ликовната рецензија што ја напиша реномираниот македонски писател Томислав Османли.
– Треба да се има на ум целото богатство на еден визионер на световите во допирите, кога се гледаат неговите слики во комбинирани техники, форми и колорити, раскошниот свет на Сашо Георгиевски. Тој во оваа прилика ни ги подарува на препознавање своите интимни, но и универзални уметнички визии од повеќе периоди на едно богато слоевито наследство, искуство и живот – напиша, меѓу другото, Османли во рецензијата.
Честитки по повод изложбата упатија: Иво Јосиповиќ, Јадранка Косор, Стипе Месиќ, Златко Крамариќ, Зоран Димитровски, Милаим Фетаи, Здравко Зима, Љупчо Арсовски…
За љубителите на уметноста, изложбата ќе биде отворена до 8 декември.












