Македонското еколошко друштво организира изложба на фотографии со таинствениот балкански рис, на 17 август, во 12:00 часот, во хотелот „Неда“ во Галичник. Изложбата ќе биде достапна до 31 август.
Селекцијата на фотографиите се состои од најпретставителните единки на балканскиот рис, кои се фатени досега на камера во Македонија, Албанија и во Косово – трите држави каде што опстојува ова животно.
Изложбата има патувачки карактер. По отворањето во Галичник, таа ќе биде претставена и во други места во Македонија, а влезот е бесплатен.
Балканскиот рис е апекс – предатор, без природни непријатели во животинскиот свет. Негов најголем непријател е човекот, преку криволов или индиректно, преку уништување на шумите, со што се загрозува неговото живеалиште и се поттикнува неговото исчезнување.
Денес во природата живеат едвај педесетина возрасни единки, поради што е вистинска природна реткост.