Во Гевгелија овој викенд во хотел „Аполонија“ беше отворена изложбата „Мојата омилена книга“ во организација на м-р Александар Јанев, Тања Трајкова, Наташа Смилкова, наставниците од училиштето „Крсте Мисирков“ и општина Гевгелија.
На изложбата беа изложени уметничките творби на ученици од 4 до 9 одделение од ООУ „Крсте Мисирков“ инспирирани од нивните омилени книги и претставува поврзување меѓу литературата, детската креативност и ликовната уметност.
Во овој проект се вклучени учениците од ова училште, со околу 150 ликовни творби, а комисија во која членуваат ликовни уметници и наставници ги избира најдобрите 30 творби кои ќе бидат дел од изложбата во Париз „Вие сакате да читате, па цртајте.“

Гевгелиската јавност имаше можност да ги види ликовните дела изработени од вредните раце на малите уметници. На нивните лица се гледаше нивната среќа и возбуда што се вклучени во овој проект кој трае веќе извесно време од идеја до реализација. Со особено задоволство и радост твореа и беа многу среќни од помислата дека нивните цртежи ќе бидат изложени во Париз.
Ова е трета година по ред како трае соработката со францускиот визуелен уметник Mlle Yolande, која е членка на асоцијацијата на ликовни уметници од Париз и која го иницира проектот „Mon Livre Préféré“. За линковската врска со Париз е задолжена гевгеличанката Анита Алабау, самостоен уметник, која живее и твори во Р. Франција.
Проектот воспоставува платформа за соработка помеѓу училиштата во Франција и во другите земји, така што учениците ги изложуваат своите креативни дела во позната париска галерија.
Едицијата 5, со проектот „Мојата омилена книга“, ќе се одржи од 11 до 15 февруари 2026 година во Париз. Годинава, изложбата е петта по ред и на неа учествуваат ученици од неколку основни училишта од Париз како и ученици од повеќе држави меѓу кои и Македонија. (Љ.А.)












