Изложба на дела на тема вино и лозарство во чест на празникот Свети Трифунбеше отворена синоќа во Музејот во Демир Капија. Станува збор за слики од ликовниот уметник Лазар Дојчинов.

Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог и куратор на изложбата, се осврна на животот и творештвото на Дојчинов, кој е роден 1948 година.

– Неговите професори Димитар Кондовски и Борко Лазески, од кои се стекнува со ликовна наобразба, се инспирација за создавање на негов, сопствен стил на творење, стил во кој е вткаен неговиот личнен белег, препознатлив преку булките и Големата мајка, гроздоберот и гроздоберачите, нашата македонска традиција на варење на ракија и подготвување на вино, силното тиквешко сонце, природата и природните убавини на Тиквешијата, истакна таа.

Притоа подвлече дека акварелот и маслото на платно се двете техники кои со леснотија на пердув се неговата лева и десна рака.

Патем нагласи дека досега, Дојчинов има реализирано над 35 самостојни изложби, учество на повеќе групни изложби и ликовни колонии. Член е на здружението „Родокрајци“ – љубители на уметноста и културата.

Градоначалничката на Демир Капија, Наталија Димитриева изрази задоволство од овој настан во боите на виното и свети Трифун, а уметникот што ликовната изложба беше збогатена и со музика и со поезија. Тоа, нагласи, му дава посебна убавина на настанот.

Изложбата е со продажен карактер, а покровител и организатор е локалната самоуправа. Организатор е и општинската установа Дом на култура „Мирка Гинова“ од Демир Капија.

ИЗДВОЕНИ