Јана Иванова и Филип Циглењак Симоновски се две деца со аутистичен спектар на возраст од 10 и од 12 години, чии цртежи и слики беа претставени во мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип. Изложбата е во рамките на проектот на Здружението „Во мојот свет“.

Штипската публика може да види вкупно 40 дела што се само дел од продукцијата на Иванова и на Циглењак.

Цртежите и сликите не се уметнички израз на авторите, туку нивни начин на комуникација со светот.

Јане Теохаровски, дедото на Јана, посочи дека оваа изложба е килибар, од една страна е талентот на Јана кон цртањето, а од друга страна е Филип, кој ја развива бојата или апстрактноста. Јана обично ја интересира фигурата, која дневно ја гледа во својот телефон или компјутер.

Филип, пак, слика на платно веќе четири години и, како што вели, неговите слики се апстрактни, а сликањето и играта со бои ги прави со многу емоции.

Весна Стојановска, потпретседател на Здружението „Во мојот свет“, рече дека станува збор за проект што се вика „Огледало во мојот свет“, кој е поддржан од швајцарска Амбасада.

Делата на Јана и на Филип ќе бидат презентирани и пред публиката во Скопје и во Охрид и, како што посочуваат организаторите, нивната уметност отвора тивки, но силни прашања за различноста, чувствителноста и за правото секое дете да биде видено и признато.

 

ИЗДВОЕНИ