На 17 февруари 2026 година (вторник), со почеток во 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија свечено ќе биде отворена изложбата „Графички белешки“ од македонскиот ликовен уметник Иво Пецов.
Оваа изложба на Пецов пред софиската публика претставува заокружен циклус на графички дела што биле создавани во континуитет во изминатите пет години.
Изложбата опфаќа дваесет графики, кои претставуваат внимателно селектиран пресек од неговото најново творештво. Делата веќе биле претставени на многубројни групни изложби и меѓународни конкурси во повеќе европски и светски земји, каде што биле високо оценети од стручната јавност, но и препознаени од љубителите на класичната графика како дела со изразена авторска ракописност и концептуална продлабоченост.












