Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини појаснуваат дека изјавата на министерката за енергетика Сања Божиновска во врска со состојбата на Буџетот се однесувала исклучиво на реалната можност државата самостојно да финансира проект од обем и сложеност како хидроцентралата „Чебрен“, инвестиција вредна над една милијарда евра.
– Министерката јасно и одговорно укажа дека ниту еден проект, колку и да е значаен, не смее да значи запирање или загрозување на средствата за здравство, образование, инфраструктура и други клучни јавни инвестиции – наведуваат од Министерството.
Според нив, ограничениот капитален дел од буџетот е директна последица на, како што велат, години недомаќинско и хаотично управување од страна на СДСМ, период во кој не бил реализиран ниту еден стратешки капитален проект, а државата била задолжувана без јасна визија и конкретни резултати.
– Буџет што беше разнишан и нефункционален, оваа Влада сега го стабилизира и го става во служба на реални, мерливи и остварливи проекти. Тоа е разликата меѓу одговорна политика и опасен популизам – разлика што СДСМ очигледно сè уште не ја разбира – се наведува во реакцијата.
Од Министерството додаваат дека енергетскиот сектор доживува суштински пресврт, со воспоставување ред, систем и транспарентни правила, со што им се овозможува на стотици домашни и странски компании да инвестираат под еднакви услови – нешто што, според нив, со години било блокирано.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавува дека останува целосно фокусирано на реализација на клучни проекти за граѓаните, со одговорно планирање, финансиска дисциплина и без загрозување на стабилноста на државата.












