Општина Брвеница е една од повеќето локални самоуправи во државата каде што, покрај македонско, живее и население од друга етничка припадност, како што е албанското. Со цел подобрување на животот во Општината, Владата, во рамките на проектот за финансирање на општините, поддржува проекти што ги изработи Општина Брвеница.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше на пуштањето во употреба на две улици што се реализирани со државни пари. Така, во селото Брвеница беше ставена во употреба улицата „Коста Рацин“, за чија изградба се потрошени над 9 милиони денари.
Во селото Милетино, пак, нов асфалт доби улицата на потегот од „Алумина“ до Домот. За овој проект, дел од средствата, во износ од околу 5,5 милиони денари, се обезбедени од Владата, а другите средства до 11 милиони денари се од буџетот на Општина Брвеница.
– Инвестираме во секое населено место во Општина Брвеница. Тоа се проекти што ги изработи Општина Брвеница и се наменети за сите граѓани, во сите населени места, без разлика дали се тоа населени места каде што имаме мнозинско македонско население, албанско население, мешано население итн. Мораме да разбереме дека поделбите не носат иднина. Мораме да разбереме дека обединувањето, заедништвото е тоа што треба да биде заеднички именител на сите жители овде, во Општина Брвеница. Граѓаните да гледаат што се работи и што е сработено, а не да оценуваат врз основа на етничката припадност, политичката припадност или неприпадност – рече Мицкоски.