Општина Штип оваа недела почнува со печатење на 18.650 решенија за данок на имот, кои ќе ги достави до фирмите и до домаќинствата, вели Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип. Тој посочи дека решенијата прво ќе им бидат доставени на фирмите. Оваа година има 330 решенија повеќе за разлика од претходната 2025 година, со што и приходите ќе бидат поголеми.
– Општина Штип ги издаде решенијата за данок за имот за 2026 година. Вкупно се 18.650 издадени решенија. Од нив, 18.200 се за физички лица, другите за правни лица. Споредбено со претходната година, сега има 330 решенија повеќе. Во наредните денови ќе започне доставувањето. Најпрво ќе се доставуваат решенијата за фирмарина, кои се околу 2.800, а потоа ќе се доставуваат оние за данок за имот за физички и за правни лица – изјави Каров.
Тој истакна дека граѓаните првпат ќе може да ги добијат решенијата за данок на имот и по електронски пат, односно на својата електронска адреса, која граѓаните и правните лица имаа можност да ја ажурираат изминатата година, во Општина Штип. Дополнително, решенијата за наплата на данок на имот ќе бидат доставени и на домашната адреса.
Каров вели дека лани биле платени околу 75 отсто од решенијата за данок на имот, а практиката изминативе години покажува дека се зголемува овој процент од година на година, со цел да не се оди кон опомени и присилна наплата на данокот на имот.
– За оние што не платиле, Одделението ќе изготви опомени и за присилна наплата – рече Каров.
Крајниот рок за наплата на данокот на имот за 2026 година е 15 ноември. Потоа ќе се пресметуваат камати или ќе се користи присилна наплата на данокот.












