Изгор летото ни дојде одеднаш, ИЈЗ предупредува: Не излегувајте на сонце во најжешкото!

Избегнување престој на сонце од 11:00 до 17:00 часот, носење лесна, широка облека во светли бои, капа со широк обод и очила за сонце, како и престојување во климатизирани простории кога е можно, се само некои од препораките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по порастот на температурите во земјава. Од Управата за хидрометеоролошки работи, пак, вчера информираа дека од денеска ќе има пад на високите температури за 3 до 5 степени. Според прогнозата, ќе дува и умерен до засилен северен ветер, а во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност, со пороен дожд и грмежи.

102

Избегнување престој на сонце од 11:00 до 17:00 часот, носење лесна, широка облека во светли бои, капа со широк обод и очила за сонце, како и престојување во климатизирани простории кога е можно, се само некои од препораките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по порастот на температурите во земјава.

Препораките се однесуваат на сите граѓани, особено на најранливите категории, односно на постарите лица над 60 години, децата, бремените жени, хронично болните, лицата со прекумерна тежина, оние со ментални нарушувања и граѓаните што се подложени на специфични терапии.

ИЈЗ предупредува дека ризикот од здравствени компликации е најголем кај оние што работат или престојуваат на отворено во текот на најжешките делови од денот.

– Ако морате да бидете надвор, одморајте често во сенка, избегнувајте директна изложеност на сонце, пијте доволно течности, вода пред сè и не чекајте да се појави жед. Никогаш не оставајте луѓе или животни во паркирани возила, дури ни за кратко, туширајте се со млака вода или ставете ладни облоги на телото. Лицата со хронични болести строго да ги следат препораките и редовно да ја земаат терапијата, по консултација со матичниот лекар – препорачува Институтот.

Предупредува и дека ако некое лице покажува знаци на топлотен удар: топла и сува кожа, болки во стомакот или губење на свеста, веднаш да се повика Итна медицинска помош, на бројот 194 или 112.

Од Управата за хидрометеоролошки работи вчера информираа дека од денеска ќе има пад на високите температури за 3 до 5 степени. Според прогнозата, ќе дува и умерен до засилен северен ветер, а во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност, со пороен дожд и грмежи. Утринската температура ќе се движи од 12 до 20 степени, а дневната од 27 до 36.

Утре ќе биде сончево и топло, со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност, со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, а максималната температура ќе достигне 34 степени. Локална појава на нестабилност, со пороен дожд и грмежи, се очекува и в среда и в четврток, за кога се очекува дневните температури да изнесуваат максимум 33 и 34 степени, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.

ИЗДВОЕНИ