Скопјaни се револтирани бидејќи и натаму остануваат без вода кога надвор температурaта е и над 40 Целзиусови степени. Посебно се засегнати жителите од одредени делови на градот, како што се, на пример, Пржино, Ѓорче Петров, во делот кај старата општинска зграда, како и од селата Црешево и Смилковци, кои сметаат дека се дискриминирани во однос на останатите жители на Скопје. Од  јавното претпријатие „Водовод и канализација“ се децидни дека немаат воведено никакви рестрикции и дека поради енормно зголеменото и неконтролирано трошење на водата во овој период од годината, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во одредени делови во градот. „Од страна на претпријатието се преземаат сите мерки кои ни стојат на располагање, сите капацитети се вклучени, се апелира до граѓаните да го намалат некорисното трошење на водата, како и откривање и прекинување на диви приклучоци, сè со цел нормализирање на градскиот водоводен систем. Дивите приклучоци имаат негативно влијание на состојбата на системот и водоснабдувањето, но за таа цел се организираат акции за нивно откривање – одговорија од ЈП „Водовод и канализација“

 

Сагата со водоснабдувањето на Скопје продолжува, исто како што е случајот и со јавниот превоз и со нередовното собирање на сметот.

Скопјани се револтирани бидејќи и натаму остануваат без вода кога надвор температурата е и над 40 Целзиусови степени. Посебно се засегнати жителите од одредени делови на градот, како што се, на пример, Пржино, Ѓорче Петров, во делот кај старата општинска зграда, како и од селата Црешево и Смилковци, кои сметаат дека се дискриминирани во однос на останатите жители на Скопје.

– Како жителка на Пржино сум дискриминирана бидејќи веќе речиси цел месец, на температура од околу 40 степени остануваме без вода поголемиот дел од денот. Иако редовно си ги плаќам сметките, а ЈП  „Водовод и канализација“ летово предвремени ги достави и за јули и август, кои исто се платени. Постојано има рестрикции на кои не можеме крај да им фатиме. Некогаш ја исклучуваат водата во 9 часот наутро, некогаш во 11, потоа доаѓа во 16 часот, па во 18 часот повторно снемува и без вода сме цела ноќ – вели жителка на Пржино.

Таа нагласува дека би било убаво барем да има некаков ред во рестрикциите, да се знае кога ќе нема вода за секој да си ги планира активностите дома.

– Претпријатието не го исполнува својот дел од обврските и тоа не е во ред.  Политичките игри, партиските препукувања, повикот за рационално користење, ненаплата како претпријатие (!?), како и дивите приклучоци не ги прифаќам како изговор да оставиш дел од граѓаните без вода. Како претпријатие чија основна дејност е доставување на вода – треба некој да понесе одговорност за оваа состојба. Има илјадници вработени, имаат технологија да детектираат каде бега водата, нека ги казнат тие што ја крадат водата, па дури и тие што нерационално ја користат – предлага таа.

Таа додава дека зградите на Водно не се од ова лето, ги имало и лани кога летото, исто така, беше исто сушно, па вода имаше цело време.

– Пристапот до вода е основно човеково право, а ние, дел од жителите на Скопје во високите зони, и тоа веќе го немаме. Проблемот е и дека само дел од жителите на Скопје, во одредени населби немаат вода. Дали треба овие граѓани на Скопје, каде постојат рестрикции на вода, да се организираат и како дискриминирани да ги тужат одговорните пред меѓународните судови бидејќи им е нарушено основното човеково право –  пристап до вода? – прашува жителката од населбата Пржино и предлага доколку, како што вели, надлежните се или биле неспособни (да не знаат да го испланираат количеството вода во мрежата, да не наплаќаат, да не знаат за дивите приклучоци), со рестрикции нека се соочуваат сите граѓани на Скопје, со официјални и најавени исклучувања, а не само да се погодени дел од жителите!

Од  јавното претпријатие „Водовод и канализација“ се децидни дека немаат воведено никакви рестрикции и дека поради енормно зголеменото и неконтролирано трошење на водата во овој период од годината, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во одредени делови во градот.

– Од страна на претпријатието се преземаат сите мерки што ни стојат на располагање, сите капацитети се вклучени, се апелира до граѓаните да го намалат некорисното трошење на водата, како и откривање и прекинување на диви приклучоци, сè со цел нормализирање на градскиот водоводен систем. Дивите приклучоци имаат негативно влијание на состојбата на системот и водоснабдувањето, но за таа цел се организираат акции за нивно откривање – одговорија од ЈП „Водовод и канализација“.

Што се однесува во делот од Ѓорче Петров, кај старата  општинска зграда, објаснуваат дека нема пријава од граѓаните за намален притисок или прекин на вода.

– За секоја пријава стигната од корисниците секогаш стоиме на располагање и излегуваме на терен за решавање на проблемите што се во наша надлежност. За секаков проблем со водоснабдувањето граѓаните можат да се јават на телефонскиот број: 3073 010 – објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“.

И жителите на населените места Црешево и Смилковци со недели се без вода и прашуваат како е можно постојано да го имаат овој проблем.

– Ако проблемот е во дотокот од Рашче, зошто тогаш други населби имаа вода? Очигледно е дека нешто не чини. Или проблемот е технички или е институционален. Но, што и да е, ова трае со недели и веќе нема справување. Жителите од Црешево и Смилковски не се граѓани од втор ред. Имаме право на вода, тоа е основно човеково право – реагираат жителите од овој  дел на општина Гази Баба.

Тие бараат ЈКП „Гази Баба 2007“ да излезе со јасна информација и со рок за  решавање на проблемот, Град Скопје и Општина Гази Баба  да се вклучат и да преземат одговорност, како и да се истражи дали има технички пропуст или намерна неажурност.

Директорот на ЈКП „Гази Баба 2007“, Игор Атанасовски, одговорноста ја префрли на ЈП „Водовод и канализација“, објаснувајќи дека пумпите од фабриката „Железара“ преку кои водата оди до населените места во општина Гази Баба не можат да се активираат поради тоа што нема доволно вода во системот и како што вели, поради тоа не може да се испорача вода.

Од ЈКП „Гази Баба 2007“ имаше соопштение на ѕидот на фејсбук-групата Ѕид на Општина Гази Баба дека ќе се постават две цистерни за техничка вода во овие населени места и тоа во Црешево – кај чешмата, додека во Смилковци кај црквата.

– Тие ќе бидат на локациите подолг временски период, а ќе бидат надополнувани по потреба, но доколку има недостаток на вода во водоводниот систем, а не како трајно решение.

Тоа  уште повеќе ги разлути жителите кои веднаш коментираат дека ним не им требаат цистерни со вода, туку дека им е потребна вода во чешмите која ја немаат со недели.

– Цел месец лажете, ова не е еден ден па да се снајдеме, срамота, вода ни треба – е само еден од коментарите за ваквиот начин на решавање на проблемот со водата.

Освен тоа, низ градот ретко која од јавните чешми за вода работат, а проблем имаше и со украсните фонтани во центарот на градот.

Од ЈП „Водовод и канализација“ објаснуваат дека деновиве се преземаат редовни сервисни активности поврзани со осветлувањето на самите фонтани и од таа причина, тие се надвор од функција.

(А.П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ