Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги додели првите дозволи за батериски систем за чување електрична енергија од обновливи извори на компанијата „Енерго солар системи“.
Според информациите од РКЕ, станува збор за два батериски система со вкупна инсталирана моќ од 2600 киловати, поставени во рамки на две различни фотонапонски централи кои веќе се изградени и работат.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, потенцира дека доделувањето на овие дозволи во кои се вклучени батериски системи за складирање електрична енергија „го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката“. Тој додава: “Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава.”
“Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на „сториџи“, но исто така очекуваме интерес да пројават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи.”
Употребата на батериите ќе придонесе за безбедно и сигурно функционирање на системите, а истовремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Тие можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници.
„Складирањето енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува да влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот“, посочува Бислимовски.
Условите, постапката и потребната документација за добивање лиценца за складирање електрична енергија се регулирани во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци.