Избувна пожар на крузер што пловел по Нил во близина на Луксор – успешно се евакуирани 60 италијански туристи

22
Фото:википедија

Денес на туристичкиот крузер „Емпрес“ што пловел по Нил во близина на Луксор во Египет избувна пожар. На бродот имало околу 60 италијански државјани, но за среќа никој не е повреден и сите патници се безбедни, потврди италијанското Министерство за надворешни работи Фарнезина, објавува  Il sole 24 ore.

Од Фарнезина соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата заедно со амбасадата во Каиро и дека е информиран министерот Антонио Тајани. За сите итни случаи, италијанските граѓани имаат пристап до броевите на амбасадата во Каиро и на Кризната единица.

Евакуираните туристи веднаш беа згрижени од туристичките оператори „Корсини вијаџи“ и „Травко турс“. Групата што патуваше преку „Корсини Вијаџи“ веќе е сместена на друг брод, „Нилска круна“, додека патниците на „Травко турс“ се на пристаништето на пет километри од градот Есна, каде што чекаат заменски брод.

Според првичните резултати од истрагата, пожарот избувнал во кујната на бродот додека бил закотвен во пристаништето на селото Асфун. Причина бил електричен краток спој во еден од кујнските апарати. Пожарникарите брзо го изгаснале пламенот пред да се прошири на остатокот од крузерот, а во инцидентот нема повредени меѓу туристите или членовите на екипажот.

Сите патници се префрлени на други бродови од безбедносни причини, додека надлежните служби започнаа инспекција на бродот за да ја утврдат точната причина за пожарот. За настанот е известено и државното обвинителство, кое ќе спроведе официјална истрага.

ИЗДВОЕНИ