Избраните проекти се потврда за етничка разновидност, за транспарентност и објективност

18

Врз основа на Одлуката за распределба на финансиски средства од Буџетот за 2025 година, наменети за поддршка на програмските активности на здруженија и фондации, објавена во „Службен весник“, спроведена е распределба на вкупен износ од 19.653.125 денари. Средствата се доделуваат исклучиво врз основа на склучени договори за финансирање одобрени проекти, и се наменети за реализација на конкретни програмски активности, согласно поднесената проектна документација, информираат од Министерството за односи меѓу заедниците по реакцијата од ДУИ дека на списокот на финансирани проекти, само три се на албански здруженија, додека во време на Груби, половина од парите оделе во албанските проекти. ДУИ реагира дека 29 проекти за македонски здруженија, 5 проекти за српски здруженија, 3 проекти за ромски здруженија и само 3 проекти за албански здруженија.

Од Министерството за односи со заедниците велат дека процесот на распределба на средствата го спроведе комисија составена од претставници на Генералниот секретаријат, Министерството за финансии, Министерството за правда, Министерството за европски прашања, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, како и Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Појаснуваат дека по спроведената евалуација, од вкупно 105 пристигнати апликации, 89 биле уредно доставени, 12 биле со непотполна документација, а 4 биле поднесени по истекот на утврдениот рок. Конечната ранг-листа ја сочинуваат, како што велат 33 највисоко оценети проекти, чиешто финансирање беше одобрено.

-Одобрениот корпус на проекти ја одразува етничката разновидност на подносителите – вклучувајќи организации кои ги претставуваат албанската, ромската, бошњачката, српската, турската и влашката заедница. Проектите, покрај тоа, се насочени кон поддршка на имплементацијата на Рамковниот договор, промоција на европските интеграции и борба против корупцијата. Овој инклузивен пристап претставува јасна потврда за транспарентноста и објективноста на процесот на селекција, во согласност со стратешките приоритети на Владата за унапредување на меѓуетничките односи и зајакнување на соработката со граѓанскиот сектор во државава, велат од Министерството.

 

ИЗДВОЕНИ