Избран изведувач за реконструкција на објектот

29

Избран е изведувачот за реконструкција на Универзална сала. Од Министерството за култура и туризам информираат дека по завршувањето на законските рокови за доделување на договорот, ќе биде потпишан договорот за изведба и дека по исполнувањето на сите потребни предуслови за почеток на градбата и воведувањето на изведувачот во работата, ќе следува официјалното започнување на градежните активности.

– Рокот за реализација на проектот е предвиден до декември 2027 година. Набавката се реализира по принципот „клуч на рака“, што значи дека во предвидениот рок објектот ќе биде целосно изграден, уреден и подготвен за користење, односно за одржување концерти, настани и други културни содржини – соопштија од Министерството за култура и туризам.

Оттаму потсетуваат дека, по преземањето на објектот на Универзална сала од Градот Скопје, а особено по настанатиот пожар, Министерството спровело низа активности со цел успешна реализација на проектот за нејзина реконструкција.  Како дел од овие активности, Министерството, преку измени и дополнувања на проектната документација преземена од Градот Скопје, обезбедило целосно нова проектна документација на ниво на основен проект за реконструкција на Универзална сала.

– Овој проект беше претставен пред македонската јавност, а со неговата реализација ќе се зачуваат споменот и колективната меморија за објектот и воедно ќе му се даде нов, современ и повеќенаменски карактер – велат од Министерството за култура и туризам.

Манифестацијата  „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, покрај во другите објекти од областа на културата во градот, ќе се одвива и во обновената Универзална сала, која повторно ќе стане едно од омилените места за културни настани и собири на граѓаните.

 

ИЗДВОЕНИ