Изборот на нови членови се совпаѓа со рокот за избор на градоначалници во четирите општини што ќе добијат повереник: Актуелниот состав на ДИК добива бонус – продолжен мандат?

Решението за проблемот ќе се бара во толкувањето на законската одредба со која „мандатот на претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК трае пет години од денот на изборот од Собранието до изборот на нов состав на Државната изборна комисија“

45

Продолжување на мандатот на ДИК со цел нејзиниот актуелен состав да ги спроведе новите избори за локалната власта во четири општини е опција што треба да биде разгледана на утрешната средба меѓу собранискиот претседател, Африм Гаши, и првиот човек на централниот државен изборен орган, Борис Кондарко. Претседателот на ДИК, Кондарко, денеска потврди за весникот ВЕЧЕР дека средбата е закажана за денеска.

– Ќе имаме средба со собранискиот претседател, Африм Гаши, околу темата за спроведувањето на изборите во овие општини – кратко ни одговори Кондарко.

Средбата, на вчерашниот брифинг со новинарите, ја најави Гаши, кој рече дека постои одреден проблем, бидејќи периодот на одржување на новите избори во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и во Центар Жупа се поклопува со истекот на петгодишниот мандат на членовите на ДИК, на 15 јануари. Познато е, првиот круг во овие општини пропадна поради неисполнувањето на предвидениот цензус за излезност од најмалку една третина од запишаните избирачи. Законот предвидува новите избори да почнат од самиот почеток, при што треба да се одржат во период од шеесет дена од завршетокот на изборите и конечните резултати. При повторените избори, нема повторно да се условува цензусот од една третина за да бидат успешни.

– Има две нејаснотии. ДИК треба да ни објасни што значи според неа конечни резултати. Дали за конечни го сметаат извештајот што го доставија по првиот изборен круг, каде што констатираат дека во четири општини немало цензус за избор на градоначалник или сметаат по вториот изборен круг, кога ќе завршат сите приговори и кога ќе ги објават конечните резултати? Според тоа, ние ќе се водиме од тој датум – рече Гаши.

Тој додаде дека другиот проблем е врзан со тоа што му истекува мандатот на актуелниот состав на Државната изборна комисија на 15 јануари.

– Значи веќе сме во некој временски теснец. Иако во Законот има формулација во која се вели дека мандатот на членовите на ДИК трае пет години, но и се вели „до избор на новиот состав“. Се надевам дека ќе најдеме начин. За да се избере нов состав на ДИК, треба десет дена претходно да се објави оглас. Не знам колку ќе биде добро додека трае изборниот процес да огласиме нов оглас за избор на нов состав на ДИК. Се надевам дека ќе најдеме решение во согласност со законот – рече Гаши.

Во членот 26 од Изборниот законик е предвидено дека „мандатот на претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК трае пет години од денот на изборот од Собранието до изборот на нов состав на Државната изборна комисија“. Во следниот член, пак, се наведува дека Собранието во рок од 30 дена пред истекот на мандатот го огласува изборот на претседателот, потпретседател и членовите на Државната изборна комисија во „Службен весник на Република Македонија“ и во дневниот печат. Огласот трае осум дена од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. По ова, Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието подготвува предлог на листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието. (Б. Ѓ.)

Поднесени 16 приговори за гласањето во Брвеница, Карпош и во Шуто Оризари

Државната изборна комисија (ДИК) до вчера претпладне примила вкупно 16 приговори во врска со постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг од локалните избори, одржан на 2 ноември. Приговор до ДИК поднел Хаким Рамадани од Вреди, кој ја загуби градоначалничката трка во Брвеница од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, за 150 гласа. Приговорот се однесува за постапката за сумирање и утврдување на резултатите во осум избирачки места во Брвеница.

Приговор за сумирање и утврдување на резултатите за две избирачки места во Општина Карпош поднела и коалицијата „Искуство за успех“, чиј кандидат Стевчо Јакимовски, во вториот круг, загуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, за 1.134 гласа. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ поднела десет приговори за избирачки места во Шуто Оризари, а и од Сојузот на Ромите поднеле приговори за три избирачки места во оваа општина. Во Шуто Оризари победи Курто Дудуш од Унијата на Ромите со 3.894 освоени гласа наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ерџан Демир, кој доби 3.406 гласа.

Крајниот рок за поднесување приговори заврши вчера во 16:30 часот, 48 часа по објавувањето на првичните резултати, а седницата за одлучување по приговорите, најверојатно, ќе се одржи денеска.

 

ИЗДВОЕНИ