Битка за сè или ништо, максимални влогови – и партиски и лични… се оцените со кои денеска во јавноста се проследи објавувањето на кандидатите за локалните избори во албанскиот политички блок. Коментарите со кои се најавува жестока партиска битка во големите урбани центри во кои живее најголемиот дел од албанската етничка заедница, најмногу се однесуваат на изборната битка во скопски Чаир, Тетово, Гостивар… Опозициската ДУИ, по вчерашната седница на партиското Централно претседателство во Мала Речица, соопшти дека нејзин кандидат за градоначалник на Чаир ќе биде поранешниот министер за надворешни работи и за евроинтеграции, Бујар Османи. Во Општина Тетово, пак, кандидат ќе биде Бајрам Реџепи, партиски потпретседател, а во Желино – Емир Сулејмани, претседател на општинската партиска организација.
– ДУИ останува посветена на фер, инклузивен и програмски силен изборен процес за граѓаните во сите општини. Граѓаните, како на референдум, ќе ја потврдат својата следна победа на овие локални избори – соопштија од оваа опозициска партија.
Фактот дека ДУИ за градоначалници во Чаир и во Тетово кандидира личности што извршувале министерски функции во минатото, како и партиски потпретседател, очигледно, укажува на значењето што го имаат локалните избори за оваа партија. Односно дека победата во Чаир и во Тетово, како и во другите поголеми градови во кои живее мнозинство од албанското население како Гостивар, Кичево, Струга, Дебар… им се наметнува како партиски императив. Бујар Османи вчера, веднаш по објавувањето на веста дека е кандидат за првата функција во Чаир, соопшти дека ја донел одлуката по голем број консултации и по сериозно преиспитување, со цел да ја понуди својата посветеност.
– Не се работи за функција. Оние што ме знаат, добро знаат дека сѐ што правам, во секој предизвик влегувам искрено, влегувам целосно, без никакви задршки. Се работи за одговорност кон сопствениот дом, затоа што граѓаните на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови, не заслужуваат да бидат игнорирани и омаловажувани. На Чаир му се потребни вистински, длабоки и човечки промени. Знам дека не се лесни тие промени и затоа долго размислував пред да ја донесам оваа одлука. Јас не бегам од тешки мисии. Напротив, верувам дека со чесна намера, секојдневна работа и со професионален пристап можеме да го промениме Чаир. Да го вратиме достоинството и да отвориме нова страница со врата што никогаш нема да биде затворена за граѓаните – порача Османи.
Денеска изутрина, на социјалните мрежи, тој објави видео насловено „Добро утро, Чаир“ од прошетка по општинските улици. Изборната победа во Чаир, но и во другите градови, за ДУИ стана особено важна со оглед на партиските ставови по парламентарните избори дека тие, а не коалицијата „Вреди“, биле победници во албанскиот политички блок и требало да бидат дел од Владата. Оттаму, целта е повторно да се освојат што повеќе гласови во однос на коалицијата „Вреди“. Но, истата цел ја имаат и во коалицијата „Вреди“, каде што деновиве ќе треба да определат свој кандидат за градоначалник на Чаир. Неофицијални извори од оваа коалиција, која е дел од владиното мнозинство, наведуваат дека во улога на противкандидат на Османи, сè поизвесно, ќе се најде актуелниот владин вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити. Процената била дека тој може многу повеќе да му парира на Османи и да го победи отколку актуелниот градоначалник, Висар Ганиу. Меџити деновиве како и самиот да го потврди тоа.
– Деновиве очекуваме резултати од анкетите од професионалните агенции и тие ќе ни дадат ориентација кој каде ќе биде, но не го исклучувам и тоа како опција. Ако ДУИ оди со потпретседател и со членови што биле кандидати за претседател на државата, министер за надворешни работи, и ние ќе одговориме со иста „артилерија“ – изјави Меџити во едно телевизиско интервју.
За политичките аналитичари, ваквиот тек на настаните, очигледно, укажува дека во Чаир, како и во Тетово, каде што интегративецот Бајрам Реџепи ќе се соочи со актуелниот градоначалник Билал Касами, ќе се води битка за „сè или ништо“.
– Кредибилни анкети покажуваат дека би победил Османи 2:1 ако биде Ганиу негов противкандидат. Затоа Меџити ќе мора да се кандидира за да го зачува бастионот на „Вреди“, но и столбот на својата политичка кариера. Затоа ДУИ игра со најдобриот кандидат во Чаир – не е само Општината во прашање туку и затворањето на патеката преку која се излеваат нејзините гласачи и структури. Очигледно е дека Чаир и Тетово ќе бидат клучни. Во двете општини се одредува судбината на „Вреди“, но и на ДУИ. Во првата, трката е меѓу неформалниот лидер на „Вреди“, Меџити, и можниот наследник на Ахмети – Османи. Во втората, значајна за сите партии на етничките Албанци, во трка се еден од лидерите на „Вреди“, Билал Касами, и вториот човек на ДУИ – Бајрам Реџепи. Се оди на сè или ништо – смета аналитичарот Џелал Незири во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Слично мисли и аналитичарот Сефер Селими, според кого овие избори во Чаир ќе ја одредат и политичката судбина на коалицијата „Вреди“.
– Кандидирањето на Бујар Османи за градоначалник на Чаир ја покажува важноста што ја има оваа општина за албанските политички партии на претстојните избори. Ретко се случува политичар со толку големо искуство на домашната и на меѓународната сцена да се кандидира за локална функција, па затоа може да се перципира ова и како лична „деградација“. Сепак, овие избори во Општина Чаир, на некој начин, ќе ја одредат и политичката судбина на коалицијата „Вреди“. Оттаму, влогот ќе биде максимален, и политички и во однос на кандидатите – додава Селими.
Интегративците прексиноќа соопштија и дека нивни носител на советничката листа во Гостивар ќе биде Валдет Џафери, претседател на огранокот на ДУИ во Гостивар, а во Струга – Фатон Пололжани, исто така претседател на партискиот огранок.
– Во следните денови, по завршувањето на внатрепартиските и коалициските консултации, ќе бидат потврдени и дополнителните кандидати за другите општини. Исто така, ја информираме јавноста дека од албанската Алијанса, од Зијадин Села, очекуваме предлози за кандидати за градоначалници во општините Струга, Арачиново и Дебар, а од Арбен Таравари – за Гостивар, Врапчиште, Теарце и за Сарај – соопшти ДУИ.
Со ова практично се потврдија информациите дека ексминистерот за здравство, Арбен Таравари, со своето партиско крило на Алијанса за Албанците, ќе соработува со ДУИ на октомвриското изјаснување на граѓаните.
Аналитичарот Џенур Исени предупредува дека не треба да се третираат локалните избори како референдум.
– Истакнати личности на ДУИ ги нарекуваат локалните избори „референдум“. Не, ова не е референдум. Локалните избори не се глас за „идентитетот“ на нивните лидери, туку одлука за многу пореални и секојдневни прашања: канализација што не ја направиле, водоводи со празни цевки, итн. На локални избори се гласа за оној што ја исчистил улицата од фекалии и донел багер каде што никогаш не стапнал ваш функционер. Ако некој од вас го гледа „референдумот“ како последна шанса да си ја спаси кариерата, тогаш да, во тој случај за нив ќе биде референдум, но последен – потенцира аналитичарот Исени за весникот ВЕЧЕР.
Неофицијални извори во двата блока во изминатиов период најавуваа жестоки изборни битки и во други општини. Во Сарај, на пример, се очекува противкандидат за градоначалник од крилото на Арбен Таравари да биде актуелниот министер за европски прашања, Орхан Муртезани. Во Кичево, пак, можно е противкандидат на досегашниот градоначалник на ДУИ, Фатмир Дехари, да му биде актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, од „Вреди“. (Б. Ѓ.)