ИЗБОРНОТО ЗАКОНОДАВСТВО ОДИ НА ГЕНЕРАЛЕН РЕМОНТ: Куп желби за една изборна единица, договорот ќе „падне“ на лидерска?

877

Барањата за воведување една изборна единица, но со различни опции за кои е прашање дали може да се постигне меѓупартиски договор, го следат процесот на предлагање  промени во Изборниот законик. Оттаму, најверојатно, ќе мора да се случи лидерска средба за да се постигне компромис околу моделот по кој би се спровеле парламентарните избори за три години, но и локалните наесен. Од минатата недела, откако најави премиерот Христијан Мицкоски поддршка од владејачката партија за воведување една изборна единица наместо актуелните шест, забрзано почнаа да се доставуваат предлози со партиски желби за тоа како треба да изгледа изборниот модел. Од предлозите се гледа дека постојат разлики меѓу партиите околу тоа дали треба да бидат листите отворени или затворени, дали треба да има цензус за избор на пратениците, дали треба посебна изборна единица за помалите етнички заедници…

Партијата Демократски сојуз, која е дел од владиното мнозинство, денеска достави до македонското Собрание свој предлог за промените во Изборниот законик.

– Една изборна единица ќе значи демонтажа на „еднопартискиот систем“ и вклучување повеќе партии во одлучувањето. Зад секој пратеник ќе стојат ист број гласови. Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг, а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел. Со предлогот се овозможува и самостоен настап на партиите од помалите етнички заедници и се гарантираат места во Парламентот доколку имаат поддршка од гласачите, потребни за пратеник. Во врска со идејата за отворени листи, укажуваме дека таа сè уште не е добро проучена, а искуствата во другите држави покажаа многу слабости. Предлагаме на претстојните локални избори да се почне со отворени листи за советници само во неколку општини (Центар, Струга и Гевгелија) – наведуваат од ДС.

Денеска, и опозициската ЛДП го „спакува“ партискиот предлог за промени на моделот. И со него се бара една изборна единица, но со отворени пратенички листи.

– Суштината на нашиот предлог е да има отворени листи и да нема изборен цензус. Во предлогот се вклучени и барањата на независните кандидати, кои ги изнесоа неодамна, за да се пополни празнината создадена по одлуката на Уставниот суд. Нема одредби за гласањето во дијаспората, но може да се поднесат амандмани за тоа и да се разговара. Откако ќе го доставиме, предлогот треба да биде ставен во собраниска процедура, пред комисии. Очекуваме поддршка од сите партии – ни рече лидерот Моника Зајкова.

Од опозициската ДОМ, пак, побараа да биде проширена иницијативата со воведување пропорционален изборен систем, без праг, со отворени листи и со 50 отсто застапеност на жени на листите. Партијата Единствена Македонија завчера соопшти дека ќе поднесе барање до Собранието за ставање на дневен ред на нејзиниот предлог-закон од 2010 година за една изборна единица и забрана за предизборно коалицирање за да се спречат „партиите крлежи да шетаат од една во друга коалиција“.

Од опозициската ДУИ, денеска, изјавија за ВЕЧЕР дека и тие ја поддржуваат промената на изборниот модел.

– Демократската унија за интеграција, во рамките на своите континуирани напори за унапредување на демократскиот систем и за зголемување на правичната застапеност на граѓанската волја, предлага промена на актуелниот изборен модел од шест изборни единици во една изборна единица со отворени листи, со воведување изборен праг од 3 проценти од регистрираните избирачи или алтернативно, праг од 5 отсто од гласачите што учествувале на изборите, како механизам за гарантирање стабилност и политички балансирана застапеност – ни изјави партискиот портпарол, Арбр Адеми, додавајќи дека ѝ се посветени на изградбата на подемократски изборен систем преку консензус.

Од опозицискиот СДСМ, пак, лидерот Венко Филипче неодамна изјави дека треба да се разгледуваат предлозите со сите политички партии.

– Подготвени сме да дискутираме за сите теми, вклучително и за изборниот модел, но тоа мора да биде инклузивен процес. Покрај прашањето за една изборна единица, тука се и прашањата за цензусот и за отворените листи – рече Филипче.

Денеска и Партија за движење на Турците побара воведување посебна изборна единица за учество на партиите на помалкубројните етнички заедници на изборите.

– Во таа посебна изборна единица, партиите на помалкубројните етнички заедници ќе се натпреваруваат меѓусебно. Од оваа изборна единица ќе се избираат пратеници, само тие што ќе го поминат прагот, односно под услов да биде освоен одреден минимум број гласови – соопштија од ПДТ.

На сето ова, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ ќе поддржи предлог за една изборна единица со право да гласа и дијаспората.

– Како ВМРО-ДПМНЕ, ние ќе поддржиме една изборна единица во која и дијаспората ќе има право да гласа, бидејќи беше адресирано, така што ние, како Влада, оспоруваме некое право, а тоа беше правото на дијаспората да гласа. Тоа беше мојот одговор на пратеничкото прашање, да бидеме прецизни. Можност да гласа и дијаспората онаму каде што законите и Уставот на државите го дозволуваат тоа, да биде и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Не гледам причина зошто да не се случи ова до следните парламентарни избори доколку се направат подготовки во дипломатско-конзуларните претставништва. Досега со никого не сме седнале да разговараме на оваа тема. Инаку, немаме политичка дебата, ниту, пак, некаква наша политичка агенда да седнеме, да разговараме, да бараме компромис и консензус – рече Мицкоски.

Минатата година, пред парламентарните избори, како лидер на опозицијата, Мицкоски настапи со идејата да се воведе една изборна единица, но и да се намали бројот на пратеници од 120 на 90.

– Сакаме да предложиме концепт за намалување на бројот на пратеници во Парламентот од 120 на 90, слично на словенечкиот концепт, како и воведување една изборна единица. Овој гломазен систем од 120 пратеници е преголем, тој изгледа премногу фрустрирачки за граѓаните, преголеми се трошоците, преголема е и акумулираната моќ – изјавуваше Мицкоски тогаш.

Најголемите дилеми, се чини, ќе се јават околу гласањето на дијаспората надвор од македонските дипломатско-конзуларни претставништва. Од ЛДП и од ДС ни изјавија дека се отворени за разговор и за такви опции, но дека треба да се види дали досегашните искуства се добри и дека би требало да се применат европските стандарди. Ова, извесно, значи дека сите дилеми и опции за промени во изборниот модел ќе треба да се разгледуваат и да се договараат на средбите на лидерите на политичките партии. Но, сè уште е неизвесно дали и кога ќе се случи тоа.

Од Министерството за правда, каде што треба да се координираат промените во Изборниот законик, ни изјавија дека сè уште се во процес на „консултации со политичките партии“. Но, дел од партиите изјавуваат дека никој не ги консултирал досега. Неизвесно е и тоа дали договарањето ќе опфати и вградување на барањата за промени во Изборниот законик согласно со забелешките на ОБСЕ и на ОДИХР.

По парламентарните избори од 2011 година, бројот на пратеници се зголемил на 123, поради изборот на тројца пратеници од дијаспората, но од пратеничкиот состав од 2016 година повторно има само 120 пратеници.

Според последниот попис на населението од 2021 година, во однос на оној од 2002 година, вкупното население во државата е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто. Бројот на вкупното попишано население изнесувал 2.097.319 лица, при што во земјава живееле 1.836.713 лица, а во странство 260.606 лица како нерезидентно население. Во вкупно попишаното население, од 2.097.317 граѓани, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 проценти како Албанци, 3,98 отсто како Турци, 2,34 проценти како Роми, 1,18 отсто како Срби, 0,87 проценти како Бошњаци и 0,44 како Власи. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ