Нови и нови ветувања на граѓаните им даваат кандидатите за градоначалници и за советници во општините на претстојните локални избори, чиј прв круг ќе се одржи за три дена, в недела. Ветувањата се најразлични, со иста цел: да се придобијат регистрираните избирачи да го дадат својот глас за некој од кандидатите и за поднесените листи за советници. За таа цел, како и во изминативе денови така и вчера на средбите со граѓаните, се изнесуваа сите оние проекти што се планира да се направат во конкретни градови, во наредните четири години. Па така, се слушнаа ветувања дури и за нови пешачки премини, парични повојници за новороденчињата, нови сајмишта, нови центри за стари лица, за бездомници, картички за најразлични попусти, па сè до набавка на нови еколошки автобуси, изградба на градинки, фотоволтаични централи…
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја претстави својата визија за главниот град како место што се грижи за сите граѓани, без разлика на возраста, здравствената состојба или на социјалниот статус.
– Скопје ни е дом на сите нас – на младите што сонуваат, на семејствата што градат иднина, на старите што нè воспитале и на сите што заслужуваат достоинствен живот. Како дел од програмата за грижа кон повозрасните граѓани, најавувам воведување финансиска поддршка од 2.500 денари за пензионерите со најниски примања и целосно реновирање на пензионерските клубови во градот. Дополнително, ќе биде воведена картичка „Скопје сити гоу“ за бесплатни или субвенционирани услуги на градските јавни претпријатија, музеите, библиотеките, кината и другите културни и рекреативни установи – соопшти Ѓорѓиевски.
Тој најави и воведување офицер за асистенција при административните постапки за лицата со попреченост, мерки за социјално загрозените граѓани, отворање прифатни центри за бездомниците, како и центар за лицата со дијабетес и ретки болести со едукативни и психосоцијални услуги. Завчера, Ѓорѓиевски вети и реализација на еден од клучните инфраструктурни проекти за градот: изградба на улицата „Љубљанска“, со што, конечно, ќе се овозможи и пуштање во употреба на мостот во Карпош, кој стои недовршен со години.
Неговата противкандидатка, Каја Шукова, од коалицијата предводена од СДСМ вчера вети темелна реформа на градските јавни претпријатија со цел тие „да им служат на граѓаните, а не на партиите“.
– Скопје денес изгледа запуштено, нечисто и хаотично, затоа што јавните претпријатија се заробени од партиски интереси, долгови и неспособно раководство. Граѓаните плаќаат за услуги, а добиваат несобран смет, нефункционален јавен превоз и хаотична инфраструктура. Во администрацијата на Град Скопје ќе спроведеме вистинска реформа, со цел јавните претпријатија, конечно, да им служат на луѓето, а не на партиите – категорично кажа таа.
Според неа, ЈСП ќе се модернизира со нови еколошки автобуси, електронски систем за наплата и со воспоставување брз автобуски транзит, со што ќе се врати довербата во јавниот превоз. „Комунална хигиена“, рече таа, ќе се ревитализира со современ центар за селекција и рециклажа, редовно собирање на отпадот и, конечно, решавање на „Вардариште“. Најави садење 10.000 дрвја и изградба на 15 нови парка во 15 месеци, со редовно одржување и враќање на зеленилото во маалата.
И кандидатот на Левица, Амар Меционовиќ, порача дека „Скопје мора да стане град што им служи на граѓаните, не на партиите“.
– Главна цел ми е да го направам градот како функционален систем. Скопје е во ужасна состојба, а институциите не работат за луѓето, туку за партиските интереси. Најавувам проекти за обновување на јавните претпријатија и рационализација на нивната работа. Клучна ми е изградбата на фотоволтаична централа од 10 мегавати, која би го снабдувала ЈП „Водовод и канализација“ и би покривала над 60 проценти од трошоците за електрична енергија. Парите може да се обезбедат преку европски фондови и подобра наплата на услугите – истакна тој.
Кандидатот Александар Трајановски од партијата ГРОМ од коалицијата „Искуство за успех“ денеска вети изградба на ново скопско сајмиште.
– На овој простор на старата касарна кај Бардовци, која е напуштена цела деценија и беше предвидена за центар за мигранти и бегалци, најавувам изградба на нов Скопје EXPO центар, односно на ново скопско сајмиште. Просторот е идеален, со големина од 86.000 квадратни метри, пристапен со обиколница, блиску до индустриската зона во Визбегово… На него ќе може да излагаат наши производители, а планот предвидува и изградба на хотели… – објасни Трајановски.
Изет Меџити од коалицијата „Вреди“, кандидат за чаирски градоначалник, вчера им вети на граѓаните дека ќе го отстрани надвозникот кај Бит-пазар, бидејќи граѓаните не го користеле.
– Претходниот проект со изградба на надвозник или мост не ги даде очекуваните резултати, бидејќи граѓаните не го користат. Човечката психологија е таква што не сака ниту надвозник ниту подвозник. Општината Чаир не даде пари за изградба на тој мост. Направен е во замена за рекламен простор со една компанија, а Општината немаше никаква финансиска обврска. Затоа, најдобро решение е да се сруши мостот и на тоа место да се изгради официјален пешачки премин со семафори – кажа Меџити.
Наспроти ова, кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, прексиноќа, на средби со граѓаните „од врата до врата“, најави дека во новата програма ќе има зголемен надоместокот за новороденче.
– За 50 отсто го зголемуваме надоместокот за новороденче, од 7.000 на 10.000 денари. Со оваа мерка, ги поддржуваме центарските семејства. Тука се и проектите за модерен дом за стари лица на Водно, нова градинка во близина на Клиничкиот центар, набавка на две цистерни и пет метларки, центарска картичка, изградба на две монтажни катни гаражи… – ветуваше Герасимовски.
Неговиот противкандидат од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, пак, најави многу мерки за заштита на децата.
– Сакаме секоја училница, секој двор и секој агол во Центар да биде безбеден, топол и инспиративен простор за секое дете. Безбедноста на децата е нешто што не смее да се доведува во прашање. Затоа училиштата и градинките ќе имаат 24/7 физичко обезбедување, безбедни пешачки патеки, јасна сигнализација и заштитни огради за секое дете да пристигнува и да си заминува без страв и безгрижно – истакна Лабудовиќ.
Во неговиот план е предвидена темелна реконструкција на сите училишта и градинки со нови фасади, енергетски ефикасни системи, топли училници, нови спортски сали и детски игралишта, стипендии за талентираните ученици…
– Општината ќе обезбеди и инклузивно образование, со адаптирани училници и специјализирани програми за децата со посебни потреби, како и континуирана поддршка за нивните семејства – најави Лабудовиќ.
Носителката на листата за советници во Град Скопје од Коалицијата за зелена иднина, Ана Карајанова-Димитрушева, во видеообраќање најавува конкретна агенда за инклузивна урбана средина во главниот град.
– Овде сум да донесам промени што се мерливи и брзи, како што се пристапни улици и јавни простори, адаптирани автобуски постојки, систем на итна поддршка и јасни процедури за помош на ранливите групи – порачува Карајанова-Димитрушева. (Б. Ѓ.)
(рамка)
Н: Мицкоски за моралот, Филипче за системот
Лидерите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на опозицискиот СДСМ, Христијан Мицкоски и Венко Филипче, продолжија со силните обраќања пред граѓаните, обвинувајќи ја другата страна за проблемите во општеството.
– На овие избори има две опции, и тоа едната е да се вратиме назад и да се поддржи опцијата што ја поддржува коалицијата, некаде формална, некаде неформална, некаде полуформална, која се обединила поради две причини, а другата опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, која значи развој за државата. Првата се жедта и непромислената желба за власт и втората е патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Сега, последно што го слушнавме од претседателот на СДСМ е тоа дека тие не нè мразеле или, да бидам попрецизен, не ме мразеле, туку ме презирале. Што не се изнаслушав на оваа кампања, од тоа што ми испраќаа пораки преку своите новинари и перјаници дека ќе ме спакувале во куфер, ќе го распарчеле моето тело и ќе го спакувале во куфер, па до тоа дека ме презирале – рече Мицкоски на митингот во Росоман.
Тој додаде дека кулминацијата била достигната во Струмица, кога Филипче, во присуство на својот гуру (Зоран Заев н.з.), зборувал за моралот и за етиката во политиката.
– И додека го зборува тоа, луѓето се чудат и просто со неверување го слушаат човекот чиј гуру беше во првите редови како зборува за чесност, за владеење на правото, како зборува за моралот и етиката во политиката – рече Мицкоски.
Филипче, пак, на собирот во Кочани, порача дека во изминатата година неговата борба била насочена кон суштински промени во судството, институциите, за темелни реформи.
– На моменти се понижував и одев да разговарам со сите лидери за да им објаснам дека е важно да направиме национално обединување околу реформите, околу патот напред. Затоа што знам дека само тоа е решението за сите идни генерации. Но не прифатија. И ме исмејуваа дека сум бил наивен – рече д-р Филипче.
Тој додаде дека единствениот пат напред за државата е преку вистински и темелни реформи, кои ќе го променат системот од корен.
– Наназад не можеме да ги смениме работите, но можеме да извлечеме поуки и да го смениме системот, да ја смениме иднината – рече Филипче.