Правосудството, судии, обвинители, најави за разрешување, промени, обвиненија и судски процеси се најдоа во јадрото на меѓупартиските пресметки на четвртиот ден од кампањата за локалните избори. Лидерот на владејачката партија и премиер, Христијан Мицкоски, на синоќешниот изборен митинг во Демир Капија одново најави кадровски смени во правосудството, со цел тоа да се ослободи од кадри што делат правда под партиско влијание на опозициските СДСМ и ДУИ. Тој одговори така на изјавата на лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, дека актуелната власт не открила големи кривични случаи.
– Чувствувам потреба да му одговорам на Филипче. Нема големи кривични случаи само поради една причина, а тоа се малкумина ваши лакеи кои сè уште ги има во обвинителството и во судството, а кои не дозволуваат да се случат големи кривични предмети, иако истражните органи, како МВР и другите, многу темелно сработија десетици случаи на висока корупција кога беа СДСМ и ДУИ влада. Локалните избори за еден месец ќе завршат и вашите лакеи ќе бидат сменети, а потоа ќе дојдат вистински судии и обвинители и вие ќе одговарате. Обрачот се стега и нема бегање од одговорност. А, сите ваши лакеи во обвинителството и во судството ќе бидат разрешени и ќе одговараат за попречување на правдата – кажа премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека мора еднаш засекогаш да му се стави крај на овој перманентен бастион на криминалот.
Филипче неколкупати досега посочи дека одговорноста за неспроведување на реформите во правосудството е кај премиерот и кај неговиот тим, а целта на ВМРО-ДПМНЕ е да го контролира судството.
– Го слушам Мицкоски на една трибина, се заканува дека, по изборите, ќе менувал судии и обвинители. И добро е што, конечно, излезе вистината за тоа што го зборуваме ние година и пол – дека не сака да прави реформи, не сака да писне за реформите. Сака негово партиско судство, кое ќе го контролира, кое ќе прави монтирани случаи, преку кое ќе апси луѓе што сака тој да ги апси – истакна Филипче на партискиот собир во Македонски Брод.
Тој порача дека граѓаните одамна ја виделе намерата на ВМРО-ДПМНЕ.
– Од тоа што сакаат граѓаните нема реформи, нема независно судство. Сакам да му порачам: Мицкоски, не заканувај се, никој не ти се плаши – рече Филипче, додавајќи дека владејачката партија сака партизирана држава како во својот претходен мандат до 2017 година.
Настрана од меѓупартиските обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не останаа ни други теми. Филипче денеска обвини дека пензионерите се нови жртви на лагите на власта и дека дури 97 отсто од нив добиле покачување на пензиите од само само 1.000 денари.
– Да останеше нашиот систем на методологија за зголемување на пензиите, сега 97 отсто од пензионерите наместо 1.000, ќе земаа 2.000 денари зголемување. По работниците, на кои им се намалува платата – три месеци по ред се намалува просечната плата. По лекарите, кои не гледаат ниту денар зголемување на платата. По земјоделците на кои им се укинаа субвенциите. По социјалната помош, која апсолутно никако не се зголемува – сега и пензионерите сфатија дека се излажани – нагласи тој, предупредувајќи и на загрозувањето на Пензискиот фонд оти „дупката од 30 се зголемила на 50 проценти“.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека „Филипче и СДС во ПИОМ не оставиле дупка, туку цел кратер“.
– Филипче и СДС навистина треба да престанат да зборуваат за економската политика во државата за да не се срамат. Тие во ПИОМ не оставија дупка, туку цел кратер. Во нивно време, пензиите се зголемуваа за 150 денари, граѓаните живееја со 150 денари на ден, земјоделците не добиваа субвенции, вработените не земаа плата со месеци, инфлацијата беше над 20 отсто, платите стагнираа… Сега имаме вистинска промена, платите се зголемени во здравството, културата, социјалата, образованието, полицијата, администрацијата, пензионерите добиваат 7.000 денари, се отвораат работни места, нови можности за бизнисите, поддршка на младите и многу други проекти што се од круцијално значење за граѓаните – нагласија од владејачката партија.
Паралелно со ова, тече и интензивна кампања за скопски градоначалник. Орце Ѓорѓиевски, кандидат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, денеска најави повеќе проекти.
– Ќе изградиме клучка во Хиподром, како и трета лента на булеварот „Александар Македонски“, кои ќе го растоварат сообраќајниот метеж што се создава тука. Уште повеќе ќе се зголеми протокот со поврзување со улицата „Пролетна офанзива“. Ќе почнеме и со првата фаза од булеварот „Хрватска“ за поврзување на општините Гази Баба, Бутел и Чаир, како и водовод за подобро водоснабдување во високите зони во Автокоманда и во селата – најави Ѓорѓиевски.
Тој најави и дека до 2027 година, Скопје ќе добие нов лунапарк, при што, по изборите, ќе бидат исплатени веќе набавените реквизити, а ќе се купат и нови и ќе се модернизираат патеките на Водно.
Неговата противкандидатка, Каја Шукова од коалицијата предводена од СДСМ, денеска најави реализација на проектот БРТ за јавниот превоз.
– Првата линија Ѓорче Петров – Ново Лисиче, како дел од БРТ- системот, ќе биде пуштена во употреба до 2027 година. Во исто време, почнуваме со подготовка на втората, север – југ оска. Ова е долгорочно, европско решение, кое целосно ќе го промени начинот на движење низ градот – изјави таа, најавувајќи и целосна дигитализација на ЈСП, нови еколошки автобуси, ГПС-систем…
Шукова го најави и почетокот на 10 крупни сообраќајни проекти: мостот Влае во Карпош 4, тунелот под „Лимак“, мостот „Обединети нации“…
Партијата Левица, пак, синоќа, во Велес, ја почна кампањата, при што лидерот Димитар Апасиев рече дека се зголемува партискиот рејтинг.
– Левица првпат има шанси да биде втора партија во некои општини, веднаш зад ДПМНЕ, што значи дека се „факторизира“ како втора партија во државата. Мислам дека тој налет, кој сега, за среќа, се поклопува со овие избори, е незапирлив, без оглед на тоа какви опструкции прават – потенцира Апасиев на средба со граѓаните.
Тој особено реагира на неможноста да водат изборна кампања преку електронските медиуми.
– Оваа лакрдија ќе заврши во Стразбур, но ќе заврши по две- три години и затоа на овие избори Левица нема да има рамноправен старт, но дијалектички ние ќе го постигнеме историскиот максимум. А тоа е: ќе одиме на над 70.000 гласа, кои ги освоивме на парламентарните избори. Штетата изразена во евра е околу 400.000 евра, кои ни се закинати за платено политичко рекламирање, а кои ние не можеме да ги дистрибуираме до медиумите – рече Апасиев.
Коалицијата за зелена иднина, предводена од ДОМ, вчера соопшти дека ќе ја води својата изборна кампања преку „јавен дијалог со граѓаните“. Ана Карајанова-Димитрушева, носителка на советничката листа за Град Скопје, вели дека ќе се води кампањата без филмски сцени, празни ветувања и блескави слики.
– Скопје го замислуваме како метропола без бариери, со приоритетни пристапни коридори, со адаптирани услуги на локално ниво и со имплементација на реални решенија за пристапност – рече Карајанова-Димитрушева. (Б. Ѓ.)
(рамка1)
Н: Меџити ги повика Ахмети и Османи да кажат дали ќе влезат во Владата
Вицепремиерот и министер за животна средина и еден од лидерите на Вреди, Изет Меџити, вчера упати јавно прашање до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и до противкандидатот во Чаир, Бујар Османи.
– Јавно ги прашувам Али Ахмети и Бујар Османи дали ќе направат влада со „албанофобот“ Христијан Мицкоски? Прашувам дали Ахмети и Османи ќе продолжат да стојат пред ВМРО-ДПМНЕ за да прават влада без претседател на Собранието и без министри – потенцира Меџити.
Неговиот противкандидат, Бујар Османи, вчера реагираше на обидите на премиерот Христијан Мицкоски да ги негира критиките дека е „албанофоб“ ,изјавувајќи дека е „криминофоб“.
– Во неговиот тим нема ниту еден Албанец, на неговите патувања нема ниту еден Албанец, ги исклучува од институциите, ги попречува со албанскиот јазик, им го одзема јазикот. Како поинаку да го наречам тоа? А, што се однесува до оваа „криминофобија“, можеби е и малку иронично. Новинарот постави многу добро прашање. Што мисли за 150. фалсификувани, нелегални објекти во Чаир, кои немаат платено данок, или средствата завршиле во нечии џебови? – рече Османи.
(рамка 2)
Н: Димитриевски на конвенцијата на ЗНАМ во Куманово: Покажавме како со чесност и посветеност се реализираат повеќе од 800 проекти
Мојот тим и јас во изминатите осум години покажавме и докажавме дека со чесност, искреност, посветеност, отчетност и со постојана работа секогаш се стигнува до успешен резултат, порача на прексиноќешната конвенција во Куманово лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник, Максим Димитриевски. На конвенцијата пред бројните граѓани беа промовирани кандидатот за градоначалник, Максим Димитриевски, и листата со 31 кандидат за членови на Советот на Општина Куманово. Лидерот на ЗНАМ најави убедлива победа уште на 19 октомври, во првиот круг на локалните избори.
– Мириса на победа, и тоа убедлива победа уште во првиот круг. Видлива е енергијата што ја имаме, енергија што нè влече напред. Се гледа како се здружуваат младоста и искуството за да се оствари примарната цел: Куманово да продолжи да се менува и да стане уште подобро место за живеење. ЗНАМ го знае и веќе го прави тоа – потенцира Димитриевски, изразувајќи убедување дека на 19 октомври ќе ја добијат најголемата награда – честа да го предводат Куманово и во следниот мандат.
Во обраќањето, тој рече дека во овој период успешно се реализирани повеќе од 800 проекти. На конвенцијата беа претставени и дел од планираните проекти за наредните четири години. Програмата на ЗНАМ предвидува стотици проекти во сите области, кои ќе донесат уште подобар живот во Куманово и ќе го направат регионален економски центар и најсредена општина во Македонија.
– Пред некој ден, на јавниот сервис беше објавена последната анкета за тоа како стојат предизборно работите во наше Куманово. Знаете како стојат? Бројките покажуваат убедливо водство и во трката за градоначалник и во изборната борба за советнички листи. Со уште непочната кампања, граѓаните знаат кој ја заслужува нивната доверба и за кого треба да го дадат својот глас. Е, тоа е успех, тоа е доказ дека ЗНАМ не е кампањска партија, туку автентично движење! Од народот и за народот! – рече Димитриевски.
Димитриевски испрати порака до противкандидатот од СДСМ.
– Пред некој ден слушнав, еден од моите противкандидати рече дека ќе го ослободел Куманово. Од кого ќе го ослободиш? Па, ти и твоите со години го имавте фамилијарно заробено нашиот град. Мешетаревте, правевте разноразни комбинаторики, ништо не работевте и го оставивте Куманово запустено. Ти беше дел од групата што го запусти Куманово и сега ќе си го ослободувал – нагласи тој.
Пред присутните се обрати и носителката на советничката листа на движењето ЗНАМ, Ивана Ѓорѓиевска.
– Заедно со Максим Димитриевски ќе работиме на засилено учество на младите и на жените во јавниот живот. Тоа го покажуваме со нашата советничка листа. Нам не ни требаат квоти за да ја докажеме рамноправноста, ние веќе ја живееме. Половина од нашата листа се жени. Голем дел се млади луѓе со визија, со енергија, со идеи за модерно Куманово. Млади луѓе што мора да научат дека политиката е одговорност, а локалната политика е образ, а не привилегија – нагласи Ѓорѓиевска.