Прашањето за реконструкција во владините редови до крајот на годинава, која ја најави премиерот Христијан Мицкоски пред локалните избори, сè уште не станала предмет на разговори меѓу партнерите во владината коалиција. Наспроти шпекулациите што се појавија вчера во медиумите, со неколку министерски имиња, од редовите на партнерите во Владата, но и од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, изјавуваат дека сè уште не се разговарало за тоа. Сепак, промена на владиниот состав ќе има поради тоа што Изет Меџити кој беше прв вицепремиер и министер за животна средина веќе седна во градоначалничкиот кабинет на Општина Чаир. Меџити ќе го менуваат двајца негови сопартијци. На вицепремиерското место застанува Беким Сали, а како што кажа портпаролот Дритон Сулејмани за министер за животна средина, ќе предложи друг кандидат.
Со тоа, од сегашните шестмина министри, Вреди ќе има седуммина. Неофицијални извори во оваа коалиција наведуваат дека нема да биде изненадување доколку тие добијат уште некој владин ресор. Но, тие не објавија кога ќе се договара сето тоа и кога ќе се спроведе соодветна постапка во македонскиот Парламент. Таму, и спикерот Африм Гаши вчера изјави дека не добил никаква најава од Владата за таква постапка.
Од друга страна, во медиумите се шпекулира дека промените може да ги опфатат и министрите од редовите на коалицискиот партнер ЗНАМ, но и од ВМРО-ДПМНЕ.
– Засега се споменува незадоволство кај најголемата владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, од двајцата министри од ЗНАМ – Игор Филков и Горан Минчев, особено од првиот, кој е министер за правда. Премиерот Христијан Мицкоски не бил задоволен од работата и од некои свои министри, но не од економско-финансискиот ресор, кој, како што стои во најновиот извештај на Европската комисија за Македонија, го уназадил системот со реформите и со финансиската дисциплина, туку наводно од министерката за образование, Весна Јаневска – објави денеска порталот СДК.мк.
Познато е, во август годинава, премиерот Мицкоски најави реконструкција на Владата по одржувањето на локалните избори. Причините, како што наведе тој, не се поради лошо владеење, туку поради јакнење на капацитетите.
– Веднаш по изборите, ќе ги отвориме и вратите од партијата за нови смени и за нови луѓе и во Владата ќе има реконструкција и подобрување на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето што ќе се заменат биле лоши или немарни, но на Владата секогаш ѝ треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените што ги правиме. А, ние се наоѓаме на патот на промените – рече тогаш Мицкоски.
Од движењето ЗНАМ вчера ни изјавија дека тие досега не добиле никакви најави за промени во владините редови.
– Досега немавме разговори на таа тема, ниту, пак, имаме најава дека ќе се отвори тоа прашање на какво било владино ниво. Се разбира, премиерот е оној што одлучува за тоа, но треба за тоа да има најави, средби, договори… – изјави денеска Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ, за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека во партијата целосно се задоволни од работата на своите министри – за правда, Игор Филков, и за јавна администрација, Горан Минчев.
– Ние сме целосно задоволни како од нивната работа така и од работата на другите наши функционери во владините структури. Министрите подготвуваат закони и ги доставуваат до Владата, тие не можат да бидат одговорни за нивното усвојување или не – потенцира Мемов.
Министерот Филков, пак, рече за весникот ВЕЧЕР дека не сака да коментира медиумски шпекулации.
– Фокусот останува на тековните реформски процеси и обврските што ги има Министерството за правда – нагласи тој.
Филков, во изминатиов период, имаше неколку истапи во кои детално набројуваше за повеќе подготвени закони од сферата на правосудството, кои се веќе доставени до Владата со цел да се усвојат во Собранието. Истовремено, во Министерството за правда се работело на повеќе други закони, чии први верзии треба да бидат готови до крајот на годинава.
Владината портпаролка, Марија Митева, денеска не одговори на нашето новинарско прашање врзано за можноста во следниот период да има кадровски промени во владиниот кабинет.
Актуелниот состав на владиниот кабинет беше избран во јуни минатата година, со Мицкоски на премиерската позиција, во него има 23 министри, а петмина од нив се вицепремиери, меѓу кои Изет Меџите беше прв вицепремиер. (Б. Ѓ.)












