Политичката сцена во земјава се затега во очи гласањето на локалните избори в недела. Фокусот сѐ повеќе се префрла од локалното кон можниот политички пресврт на централно ниво. Дел од опозициските партии веќе најавуваат дека резултатите од локалните избори би можеле да ја отворат вратата за нови, предвремени парламентарни избори, што би ја промениле актуелната власт. Наспроти тоа, владејачката коалиција уверува дека парламентарното мнозинство е стабилно, а приоритет остануваат економските и институционалните реформи. Од владејачката коалиција „Вреди“ порачуваат дека нема никаква потреба од нови избори, а премиерот Христијан Мицкоски, иако првично цврсто го отфрли тоа сценарио, неодамна ја омекна реториката, оставајќи отворена можност – но само доколку, како што рече, тоа го наложат интересите на државата.
Во вакви околности, кандидатот за градоначалник на Скопје на „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Скендер Реџепи вели оти е длабоко уверен дека по локалните ќе има предвремени парламентарни избори. Реџепи ова уверување го искажа во неделното интервју за Радио Слободна Европа, во кое изрази очекување дека „Националната алијанса за интеграција“ на локалните избори ќе победи во сите општини каде што има свои кандидати, по што ќе следуваат предвремените парламентарни избори.
– Јас длабоко верувам дека по локалните избори, Националната алијанса за интеграција ќе добие во сите општини и со тоа државата ќе биде принудена да оди на нови парламентарни избори. Ве уверувам дека освен градска власт, ние ќе имаме и централна власт оти, сепак, државата е заедничка на сите и волјата на мнозинството граѓани треба да се почитува од сите, истакна Реџепи.
Прашан на што го темели овој оптимизам, Реџепи рече дека тоа го налага реалноста, односно, сите анкети покажувале дека нивната коалиција ќе биде убедлив победник во сите општини каде мнозинство се Албанци и дека при таква ситуација неминовни ќе бидат нови парламентарни избори.
– Ден-денес, Албанците во власта се претставени од едно малцинство претставници, а во иднина тоа малцинство ќе биде уште помало. Така што, верувајте дека граѓанскиот притисок во државата ќе ја принуди државата да одиме на нови парламентарни избори и тогаш кохезијата меѓу локална и централна власт ќе биде многу лесно изводлива, изјави кандидатот на НАИ за градоначалник на Скопје, Скендер Реџепи, во интервјуто.
Наспроти ваквите очекувања од опозициската коалиција кај Албанците, предводена од Интегративците, од владејачкиот табор, од „Вреди“ пристигнуваат спротивставени пораки. Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата Вреди и актуелен прв вицепрмеиер, Изет Меџити, одговарајќи на новинарско прашање изјави дека не очекува предвремени парламентарни избори, бидејќи според него, моменталниот фокус останува на локалните избори на 19 октомври.
– Некој сака да лаже, да го мотивира својот електорат дека ова се локални избори и по локалните избори ќе одиме на парламентарни избори. Мислам дека кога овие луѓе од АА ќе ги видат резултатите од локалните избори, ќе заборават на парламентарните избори. Значи, сега сме фокусирани на локалните избори, Владата има легитимитет, има бројки, има задачи пред себе, има програма пред себе и нема потреба да правиме дополнителни трошоци за предвремени парламентарни избори. Изборите ќе бидат регуларни кога ќе бидат закажани, рече Меџити.
Минатата недела, и министерот за европски прашања и потпретседател на Алтернатива, која е дел од коалицијата, Орхан Муртезани, децидно изјави дека нема да има предвремени парламентарни избори следната година, зашто нема никаква потреба за тоа. На прашање дали, сепак, има контекст кој може да направи притисок и да ја принуди ВМРО-ДПМНЕ да се реши на таков потег, особено ако ДУИ биде победник на локалните избори, Муртезани во интервју за „360 степени“ одговори дека владејачкото мнозинство со 76 пратеници е стабилно.
– Ова намерно се лансира од страна на ДУИ, меѓутоа овој дискурс бил неколку пати неуспешен. Веднаш по изборите, сите челници на ДУИ тврдеа дека нема шанси ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ да направат влада. Направивме влада. После велеа, нема шанси да траат ни 100 дена, поминаа 100 дена. Па, велеа ќе видите по Нова година, готово, ние ќе палиме сè живо и диво, нема да дозволиме оваа влада да помине. Одиме на локални избори. Така што, сè додека тие зборуваат вака, ние ќе продолжиме да победуваме и да владееме, рече Муртезани.
И тој е на линија со ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека предвремени избори би значеле забавување на проектите што Владата веќе ги отпочнала.
– Засега, ние не гледаме никаква потреба бидејќи првите резултати од сите тие мерки што владата ги спрема и ги презема со месеци наназад, ги очекуваме во 2026 г. Ако ние одиме на предвремени парламентарни избори, значи дека ќе ја изгубиме цела година, додава Муртезани.
Во однос на најавите за владина реконструкција до крајот на годината, Муртезани посочува дека ќе бидат неопходни ако дел од министрите кои сега се кандидати, бидат избрани за градоначалници. Тој посочува и дека во рамки на владината коалиција е веќе договорено функцијата на Меџити како прв вицепремиер да ја преземе поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник, Беким Сали.
Иако изминатиот период премиерот Мицкоски тврдеше дека нема да има предвремени парламентарни избори, тој минатата недела го „омекна“ својот став и остави простор за таква можност. Мицкоски изјави дека „нема да одиме на предвремени парламентарни избори“, аргументирајќи дека владата е стабилна, владината коалиција ќе победи на локалните избори, а изборите би значеле одложување на проектите за најмалку шест месеци. Но, минатата недела, премиерот рече дека не ја исклучува можноста по локалните избори да се размислува за предвремени парламентарни избори, доколку политичките услови го налагаат тоа.
Мицкоски од Струмица порача дека по очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, логично би било да се размислува за можноста за предвремени парламентарни избори и нов четиригодишен мандат. Но, за таа одлука, вели премиерот, ќе се водат не од политичкиот, туку од интересот на државата.
– Очекувам по овие локални избори да влеземе во еден циклус на засилен инвестициски бран и оној што ја следи политиката ќе рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе имаат силна победа, посилна од таа во 2021 година. Логично е да се предизвикаат предвремени парламентарни избори за да се обезбеди нов четиригодишен мандат. Но, ако го гледаме од државна логика, тогаш поинаку размислуваме. Ние сакаме да ја ставиме државата пред сè и пред интересот на стопанствениците, за да имате предвидлива иднина, да знаете што можете да очекувате, па дури потоа се обидуваме да го ставиме тој наш политички интерес. Но, ќе видиме. Прво да се случат работите, па потоа ќе носиме одлуки, рече премиерот.
Претходно, минатиот месец, на средба со новинари, Мицкоски рече дека нема да се оди на предвремени парламентарни избори бидејќи Владата е стабилна и кохерентна, а владината коалиција ќе победи на овие локални избори. Тој нагласи дека Владата има мандат од четири години, период за кој планира да ги реализира ветените проекти, а предвремените парламентарни избори, како што кажа, ќе значат само нивно одложување за најмалку шест месеци. Иако, нагласи и и тогаш, на неговата партија ѝ одговараат предвремени парламентарни избори. (В. С. Н.)