Патниците на летот FR3418 на „Рајанер“ доживеаја драматичен инцидент во воздух откако нивниот авион, поради лошо време и неколку неуспешни обиди за слетување, остана со помалку од шест минути гориво пред конечно да слета во Манчестер.
Авионот полета од Пиза, Италија, на 3 октомври, со насока кон Глазгов, Шкотска, и мораше да биде пренасочен поради силната бура „Ејми“. Бурата погоди делови од Обединетото Кралство, одземајќи три животи и оставајќи илјадници без струја.
Според „Флајтрадар24“, екипажот издал сигнал за итен повик „сквак 7700“, што укажува на итна состојба, најверојатно поради недостиг на гориво. Боингот 737 прво направи два неуспешни обиди да слета во Глазгов, потоа во Единбург, пред конечно да слета во Манчестер – и со критично ниско гориво.
„Бев во авионот со моето семејство и целото искуство беше како сцена од филм за катастрофа. Луѓето се молеа, мојот син плачеше, а јас си помислив: „Дали е ова крајот?“, изјави еден патник за „Дејли меил“.
„Евиејшн Хералд“ објави дека авионот слетал со само 220 килограми гориво, доволно за само пет до шест минути лет. Комерцијалните авиони се обврзани според законот да имаат најмалку 30 минути гориво во резерва.