Со делата „Откриј кој те гледа“ и „Сè може да се промени“, македонската уметница Ивона Велковска ја освои највисоката награда во категоријата цртеж на 18. Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата во Горњи Милановац во Србија, манифестација што речиси четири децении ги обединува најдобрите автори на мал формат од целиот свет

Македонската ликовна уметница Ивона Велковска е добитничка на првата награда за цртеж на 18. Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата, кое се одржа неодамна, во Горњи Милановац, Србија. Станува збор за манифестација што претставува една од најголемите и најсеопфатни изложби на мал формат во светот, која трае речиси четири децении. Таа се одржува во Модерната галерија на Културниот центар „Мија Алексиќ“ во Горњи Милановац, Р Србија, уште од 1989 година, а низ нејзината долга историја се претставени околу 14.500 уметнички дела од над 10.000 автори од различни земји.

Годинава, публиката имаше можност да ја види поставката за која беа избрани 657 уметнички дела, класифицирани во седум изложбени категории (сликарство, графика, скулптура, цртеж, применета уметност, фотографија и интермедија), потпишани од 438 автори од 25 земји во светот. Оваа манифестација овозможува на едно место, преку малите формати на уметничките дела, да се изразат, прикажат и видат различните размислувања, идеи и концепти на уметниците, нудејќи пресек на современите текови.

Во силна меѓународна конкуренција, Велковска ја освои првата награда во категоријата цртеж, со што уште еднаш ја потврди вредноста на современата македонска ликовна уметност на меѓународната сцена.

– Вистинска привилегија и чест е да се биде учесник на оваа престижна светска манифестација со долгогодишна традиција. Доделеното признание од стручното жири – првата награда за цртеж – претставува особен поттик за моето понатамошно творештво – истакнува Велковска за весникот ВЕЧЕР.

На Биеналето, таа се претстави со два експериментални цртежи – „Откриј кој те гледа“ и „Сè може да се промени“, изработени во 2025 година, во техниката молив на хартија, со димензии 10 × 10 сантиметри. Во случајов гледачот станува активен учесник во нивното доживување.

– Иако се изработени со традиционална цртачка техника – молив на хартија, современиот експериментален пристап е присутен во самата изведба на композицијата, која се состои од две цртачки целини, меѓу кои е воспоставен динамичен однос. Едниот од цртежите поседува можност за мобилност, препуштајќи ѝ се на директната интервенција на набљудувачот. Со придвижување на мобилниот сегмент, гледачот активно ги редефинира композициските односи, а со тоа и семантичкиот слој на делото.

Ова е мое второ учество по ред на ова Биенале, претходното беше во категоријата сликарство – додава Велковска.

Таа, исто така, истакнува дека преку овие две дела се создава простор во кој се среќаваат современата тегобност, материјалната промена и духовната будност. Гледачот е повикан не само да го придвижи цртежот и да ја промени неговата порака туку и да се праша, додека ја набљудува уметноста, дали воедно со тоа и ја создава, кој го набљудува него и кој е тој што набљудува.

– Додека првото дело нè учи дека имаме моќ да ја (про)мениме композицијата на светот околу нас, второто нè опоменува дека тој ист свет, бил тој дигитален или метафизички, непрекинато го возвраќа погледот. Тоа е повик за препознавање на сопствената улога во светот кој нè набљудува и кој, за возврат, имаме можност да го менуваме – објаснува уметницата.

Велковска нагласува дека покрај високото професионално ниво на организацијата, манифестацијата овозможила размена на идеи, воспоставување нови професионални контакти и отворање можности за идна меѓународна соработка.

Учеството на македонските автори на ова Биенале традиционално е успешно.

Од првото издание, кога наградата за цртеж ја доби еминентниот македонски уметник и професор, Родољуб Анастасов, па сè до денес, македонските уметници редовно се меѓу наградените и пофалените. На годинашното издание, покрај Велковска, признанија добија и Владо Ѓорески за графика и Вана Урошевиќ за интермедија.

Ивона Велковска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и денес работи како ликовен уметник и професор по ликовна уметност. Таа е активен член на ДЛУМ од 2008 година и на Здружението на ликовни педагози. Зад себе има повеќе од сто самостојни, групни и меѓународни изложби и авторски проекти реализирани во Македонија, Србија, Хрватска, Италија, Австрија, Бугарија и во Чешка.

По успехот во Горњи Милановац, таа најавува нови меѓународни изложби и биенале, како и реализација на авторски мултимедијални проекти, кои ќе бидат претставени во наредниот период и во Македонија и во странство.

– Претставувањето пред сплитската публика во галеријата „Студио 21“ минатото лето, како дел од програмата на „Сплитско културно лето“, како и учеството на меѓународни проекти и изложби, отвори соработка и можности за нови проекти и изложби, кои се, исто така, во фаза на подготовка за реализација – вели Велковска.

Освоената прва награда претставува уште една потврда дека македонската современа уметност успешно се афирмира на меѓународната културна сцена и дека домашните автори се рамноправни со светската конкуренција. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ