„Театар Комедија е еден од најмладите, но и најпосетените театри во Република Македонија. Од пред 20 дена почна промената на старите и амортизирани столчиња, како и на подот во Театар Комедија. Тие столчиња имаа една историја од шеесетина години и носат некоја емоција, традиција, но, сепак, тие беа нефункционални и имаше големи поплаки од самата публика. Наредната година во договор со директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов, ќе инвестираме и во гардеробите, но и во осветлувањето, како и на самата сцена, посочи министерот за култура и туризам“, Зоран Љутков
Проектот поддржан од Полската амбасада и од Министерството за култура и туризам за реконструкција на гледалиштето на Театар Комедија во Скопје е завршен, а публиката на 28 ноември (20 часот), ќе има можност во обновената сала да ја види премиерата на претставата „Ивона, принцезата од Бургундија“. Вчера во театарот беше означен крајот на градежниот зафат и отворање на салата која во иднина ќе ѝ овозможи на публиката соодветни услови за следење на претставите.
„Театар Комедија е еден од најмладите, но и најпосетените театри во Република Македонија. Од пред 20 дена почна промената на старите амортизирани столчиња, како и на подот во Театар Комедија. Тие столчиња имаа една историја од шеесетина години и носат некоја емоција, традиција, но сепак, тие беа нефункционални и имаше големи поплаки од самата публика. Благодарение на донацијата на Полската амбасада од два милиони денари за проектот кој чини околу 9 милиони денари и во кој Министерството за култура учествува со преку 5,3 милиони денари, гледалиштето е обновено“, посочи министерот Љутков.
Со овој проект беа набавени и монтирани 305 нови столчиња во гледалиштето, како и најсовремен ПВЦ-под под нив.
„Во иднина, поточно наредната година во договор со директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов, ќе инвестираме и во гардеробите, но и во осветлувањето, како и на самата сцена.

Амбасадорот на Република Полска, Мариуш Бримора, пак, посочи дека поддршката ќе продолжи и во иднина и во останатите проекти од областа на културата.
„Ова е еден од добрите примери за проектите кои успешно се реализираат во земјите на Западен Балкан со поддршка на Полската амбасада. Проектот што го реализиравме е одлично партнерство со директорот на театарот Комедија и македонското Министерството за култура“, додаде амбасадорот Бримора, кој ја потврди соработката со Театар Комедија и на други проекти. Првиот тест на оваа сала ќе биде во петокот со македонската премиера на претставата „Ивона, принцезата од Бургундија“ на полскиот автор Витолд Гомбрович, а во режија на Билјана Радиноска.
Инаку, оваа година на сцената на Театар Комедија беа реализирани 8 премиери и околу 120 изведби, што ги проследија приближно 33 000 гледачи, а годината ќе се заврши со десет премиери.
Министерот Љутков вчера посочи дека до крајот на 2026, или почетокот на 2027 година треба да биде отворен и новиот Турски театар, чиј ансамбл во моментот ја дели сцената со ансамблот на Театар Комедија.
„Процесот на зградата на Турскиот театар беше сопрен околу 6 години. Во 2023 почна да се става фасадата и сега работиме со забрзано темпо таа да биде завршена. Сега се работи третата и последната фаза, ентериерното уредување и сценската технологија. Продолживме со интензивно темпо и во Театар Куманово, ја откочивме постапката во театарот во Струмица и обезбедивме дополнителни 3 милиони денари за завршување на постапката. Во МНТ имаше проблем со протекување на дел од терасите. Оваа година е завршена јавната набавка и веќе се работи за санирање на тој проблем. Во 2026 ќе се санира и останатиот дел. Почнуваме со работа и во Музејот на Македонија, каде што имаме комплетна реконструкција, го отворивме и новиот дел во НУБ „Свети Климент Охридски“. Веќе работиме и на затоплување на Центарот за култура во Прилеп, но започнуваме и со изработка на нов проект за реконструкција на стариот театар ‘Војдан Чернодрински’“, додаде Љутков. (Д. Т.)












